Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска учествуваше на Конференција на претседатели на парламенти на земјите членки на ЕУ, во организација на Бундестагот на Сојузна Република Германија, која заради пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19, се одржа во виртуелен формат.
На конференцијата учествуваа 33 претседатели од националните парламенти на земјите членки на ЕУ, 3 претседатели од земјите кандидати за членство, од Европскиот парламент и 3 претседатели од европските земји кои не се членки на ЕУ како набљудувачи.
Конференцијата ја отвори Претседателот на Бундестагот, Волфганг Шојбле, кој повика на заштита на претставничката демократија, на заштита против дискриминација и против говор на омраза на социјалните мрежи и за таа цел побара регулирање на работата на големите интернет гиганти каде често се пласираат лажни вести и истите штетат на нашите општества. Во рамки на дебатата, претседателите на парламенти дискутираа за придобивките и предизвиците од дигитализацијата и користењето на вештачката интелигенција и потребата од соодветна регулација на новите модели за комуникација на национални и на европско ниво.
„Дигиталниот простор нуди нецензуриран простор за искажување на мислења водејќи сметка за слободата на говор, меѓутоа во исто време, е и плодна почва за ширење на говор на омраза, на лажни вести со цел креирање на погрешни и лажни слики за конкретни прашања и манипулирање со размислувањето на лицата кои се подложни на влијанија, кои не проверуваат факти и извори на вести и веруваат на сѐ што е сервирано на нет и со тоа стануваат дел од деструктивни и манипулаторски дејства и сили кои имаат матни и нејасни позадини. Спречувањето на овие негативни појави е обврска на надлежните национални органи, секако, во тесна соработка со меѓународните органи“, истакна Џафери.
Општ заклучок беше дека дигиталните алатки се корисни за поголема вклученост на граѓаните во процесот на одлучување и за поголема демократизација на општеството, но истите треба внимателно да се користат и да се осигури дека секој граѓанин има пристап до интернет и до користењето на овие алатки. Од друга страна, беа нотирани опасностите од користењето на социјалните мрежи и нивната недоволна регулираност како останатите медиуми, што само по себе отвора можност за пласирање на лажни вести кои често се користат за нарушување на демократските процеси и изборните резултати, информираат од кабинетот на Џафери.