Пред велигденските празници, на Клиниката за ортопедија за првпат во македонското здравство се изведе трансплатација на коска од починат донор. За тоа како мина овој оперативен зафат, што тоа значи за здравството и граѓаните разговаравме со Д-р. Александар Трајановски, хирург на Клиниката за ортопедија и директор на ЈЗУ ТОАРИЛУЦ
Centar.mk -Др.Александар Трајановски, кажете нешто повеќе за тоа како мина првата трансплантација на коска од починат дарител!?
Др.Трајановски – Особено сум горд што за прв пат во нашата земја имавме можност да направиме трансплантација на коска од починат дарител. Трансплантацијата беше извршена на 27ми април, датум на кој со воодушевување ќе се присетуваме, На клиниката за ортопедија каде заедно со мојот тим извршивме целосна замена на малигно ткиво на пациент кој се лекува од малигнен тумор со здраво ткиво од починатиот донор. По извршената експлантација на коскеното ткиво една недела претходно, и по сите завршени испитувања како и завршена биопсија и хемотерапија, целосно го заменивме малигното ткиво. Операцијата траеше исцрпувачки пет часа, но имавме силна мотивација знаејќи дека токму овој оперативен зафат ќе го спаси животот на нашиот млад пациент. Нашиот пациент се чувствува одлично и му посакуваме да е во добро здравје и понатаму.
Centar.mk -Што значи овој зафат за македонскиот здравствен систем, но и за граѓаните кои имаат потреба од вакви операции?
Др.Трајановски -За македонскиот здравствен систем значи отворање на едно ново поглавје во оваа област.
Нашиот здравствен систем, Mинистерството за здравство и Клиниката за Ортопедија покажаа голема подготвеност и спремност за овие новини кои од сега треба многу почесто да се применуваат. Ја имавме таа можност да од најхуманиот гест, од починатиот донор го продолжиме животот на уште еден млад пациент.Ваквите коскени трансплантации ни овозможуваат многу можности за успешни оперативни зафати имаат и даваат огромен бенефит за пациентите и се користат кај пациенти кои имаат оштетувања на коските предизвикани од бенигни и малигни тумори, посттраумни состојби и последици , одредени вродени аномалии и многу други заболувања кои прават трајни оштетувања на коските.
Centar.mk -Дали ваквите сложени операции можат да станат редовна пракса на Клиниката?
Др.Трајановски -Клиниката за ортопедија е целосно подготвена за ваквите операциони зафати. Самите услови и прекрасниот тим од стручни лица кои работат на нашата клиника ни кажуваат дека можеме целосно да ги завршуваме ваквите сложени операции. Силно сум убеден и верувам дека оваа наша прва успешна операции нема да е и наша последна и ова ќе биде редовна пракса на нашата клиника. Имаме многу пациенти на кои ваквите операции им значат живот. Донирањето на органи е клучна алка во спасувањето на многу животи. Ваквиот највисок акт на хуманост е нешто на кое треба да се посвети внимание, и апелирам тоа да се случува постојано. Благодарност до сите хумани луѓе и семејства што го поддржуваат донирањето органи, спасувајќи многу животи.
Centar.mk -Кои се идните планови на Клиниката во однос на набавка на нова опрема?
Др.Трајановски -Моментално веќе неколку месеци ЈЗУ ТОАРИЛУЦ каде и се наоѓа клиниката за ортопедија, дополнително функционира како ковид центар.
Притисоците и активностите се зголемени, но тоа не, не спречува да функционираме безпрекорно и да се грижиме за сите пациенти.
На Клиниката за ортопедија е започнато реновирање на делови од клиниката како и целосно реновирање на амбулантата.
Ова е проект за кој се залагам од моето доаѓање како директор на ЈЗУ ТОАРИЛУЦ и засега имаме завршено еден цел блок на клиниката за ортопедија, блокот А на стационарот кој е со капацитет од 30 кревети каде се сместуваат нашите пациенти. Целосното реновирање го направивме со менување на старите дотраени и во лоша состојба тавани, подови, прозорци, санитарии, кревети и го обликувавме делот на клиниката во еден модерен стил по светски здравствени стандарди. Целосното реновирање на клиниката ќе биде завршено до месец септември оваа тековна година. Дополнително на Ортопедија ќе има “Видеоларингоскоп”- кој ќе послужи за полесно интубирање на пациентите, нов апарат за коагулација во операционата сала кој ќе најде широка примена за тумори и ревизии.
Пациентите заслужуваат безпрекорни услови каде ќе бидат сместени и лечени од нашите стручни доктори и стручен медицински персонал . Постојано вложуваме во клиниката и се трудиме нашите пациенти да чувствуваат дека навистина се грижиме за нив, секој еден пациент за нас е битен. Благодарни сме и за досегашната огромна поддршка од Министерството за здравство и самиот Министер за здравство со кој постојано сме во координација и ја продолжуваме соработката..