23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи – Клус: Словачка активно ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се сретна со првиот државен секретар во Министерството за надворешни и европски работи на Словачката Република, Мартин Клус, кој се наоѓа во работна посета на земјава.

Тие разговараа за состојбата и резултатите на сѐ подинамичната билатерална соработка меѓу двете земји и во тој контекст разговараа и за интензивните активности што се преземаат за отворање на нашата амбасада во Словачка, со седиште во Братислава, што ќе биде дополнителен импулс во зацврстување на меѓусебните односи и за збогатувањето на севкупната соработка.

„Ние продолжуваме активно да придонесуваме за европската идеја на Балканот и за европската перспектива како на нашата земја така и на целиот регион. Очекуваме операционализација на одлуката на лидерите на ЕУ од март 2020, одржување на првата меѓувладина конференција и формален почеток на преговорите, а радува сознанието дека Словачка е наш силен партнер во ЕУ за реазлиација на ваквата цел“, истакна Османи.

На средбата стана збор и за проектот „Национална конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија“, во кој учествуваат словачките експерти и чија четврта сесија ќе се одржи на 29 април. Првиот државен секретар, Мартин Клус, потврди дека словачката поддршка и експертска помош за нашите евроинтегративни аспирации ќе продолжи со несмалено темпо за побргу да се усогласиме со сите потребни европски критериуми и вредности.

Посебен акцент во разговорот беше ставен за состојбите во двете земји поврзани со пандемијата и текот на процесот на имунизација на населението, при што министерот Османи се заблагодари за досегашната словачка помош и донации на овој план, што претставува уште еден гест на пријателска држава.