Потполковникот Егил Далтвејт од норвешкото одбранбено аташе денеска ги демантира информациите изнесени пред два дена од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски во Собранието, дека норвешки воени експерти оцениле оти македонскиот главен хирург, предводник на македонскиот тим, не знае да изврши основни хируршки операции. Тој во писмената реакција посочува дека тоа што пратеникот Стојаноски тврдел дека поседува информации од норвешки воен извештај била наведена таква оценка е неточно.
„Има многу проблеми во неговата изјава. Прво, нема таков извештај, и ако го имаше, можам да ве уверам дека чувствителните воени извештаи во норвешката армија не се достапни на други, освен на оние кои треба да ги знаат“, вели во соопштението норвешкиот одбранбен аташе, потполковникот Егил Далтвејт.
Дополнително потполковникот прашува дали Стојаноски сам ги смислил овие информации или некритички ги прифатил од друг и пренесува во јавност .
„Ако обвинувањата беа точни, вашиот тим немаше да биде на должност во Кабул одговорен за спасување на животите на сојузничките и норвешките војници кога е потребно. Трето, изнесувањето обвиненија против некој што е во воена зона, кој и служи на својата земја и на нашата Алијанса од безбедна и привилегирана позиција, како пратеник во македонскиот Парламент, според мене како офицер и одбранбено аташе, е тотално неприфатливо“, се вели во писмената реакција на потполковникот Далтвејт.
Норвешкото аташе побарало и јавно извинување, но наместо тоа добиле маил од Стојаноски во кој ги обвинува медиумите за тоа што го кажал во Собранието, како да не е одговорен самиот за своите зборови.
„И тој само ми се извини што ги повредил моите чувства. Тој не им се извини јавно на членовите на службата што ги навреди, ниту на Норвешка и на норвешката војска. Затоа, ја давам оваа изјава за да ги изнесам фактите во јавноста“, истакнува норвешкиот потполковник.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски, на 39 собраниска седница во својот говор истакна дека министерство за одбрана треба да внимава какви лица се испраќаат во овие мисии оти тие ја претставуваат нашата држава. Тој го посочи случајот со испраќањето на медицински тим во Кабул обучуван во Норвешка, чии припадници, како што рече, од норвешките стручни лица биле оценети дека не може да ја извршуваат работата самостојно.
Таквата дискусија следуваше по донесување на две одлуки за испраќање на припадници на Армијата за учество во меѓународната операција на Организацијата на Обединетите нации УНИФИЛ во Либан.
извор Радио Слободна Европа