Директорот Пауновски кој неколкупати јавно изјавуваше дека не му требаат 35 „рамковни“ туку стручни инспектори, всушност побарал и добил со одлука на Владата 15 нови вработувања минатата година. Сите инспекторати се засилиле со 105 нови кадри, а неговиот инспекторат дополнително добил согласност и за уште нови инспектори.
„Владата има донесено и одлука за 104 нови вработувања на инспектори во инспекторатите, при што ги има задолжено Министерствата за финансии, за информатичко општество и администрација и за политички систем да ги одобрат годишните планови за вработување на инспекциските служби, а особено за ДПИ. Станува збор за нови вработувања кои никако не се поврзани со распределбата на веќе вработените според правична застапеност“, се вели во соопштение до медиумите на вицепремиерите Груби и Николовски за јавните ставови на директорот на ДПИ, Пауновски.
Во врска со распределбата на тнр. „рамковни“ административци што со години земаа плата а не одеа на работа, се вели дека спроведувањето на решението е распределено хоризонтално и солидарно со вклученост на дури 237 институции и до сега ниту една не одбила да учествува во решението, туку се барале модалитети и начини истото да се спроведе.
„Процесот е започнат и досега се распоредени 635 лица кои имаат конкретни ангажмани, за конкретна јавна служба и кои конечно се внесени во систем на оценување и мерење на нивниот ангажман“, се посочува во соопштението на вицемремиерите Груби и Николовски.
Двајцата вицепремиери воедно соопштија дека Владата нема очекувања ниту побарувања распределените лица во Инспекторатот да ги вршат работите на инспекторите, но Владата знае дека во сите институции има потреба од дополнителен ангажман на различни нивоа, особено ако за тоа институцијата нема дополнителен финансиски трошок.