Скопје, 23.04.2021 – Уште од првата берба по преземањето на француската винарница Château de Gourdon од страна на „Тиквеш“, енолошкиот тим на најголемата македонска винарница го создаде светски признаеното вино Terrasse à l’Ombre. Уште на првото оценување од меѓународно жири на најголемиот вински натпревар што се одржува во Германија – „Мундус вини“ – истото се закити со двоен златен медал и уште поважно доби признание за ‘Најдобро вино од долината на реката Рона’, еден од најважните вински региони во Франција.
Ваквиот исклучителен успех на виното Terrasse à l’Ombre, кое е дел од портфолиото на ексклузивни вински брендови Tikveš Châteaux & Domaines, е резултат на синергијата помеѓу уникатното поднебје по течението на реката Рона, познатата француска винарска традиција и посветеноста и вештините на тимот на винарската визба „Тиквеш“.
„Ретки се приликите, особено во светот на виното, кога можете навистина оправдано да се почувствувате горди. Освојувањето на двоен златен медал и признание за најдобро вино од еден од најпознатите француски вински региони, за вино креирано од тим на македонска винарница, дефинитивно е повод за големо задоволство и гордост. Ваквите високи награди и признанија го издигнуваат Terrasse à l’Ombre на нивото на светска винска икона, а ,Тиквеш’ го вбројуваат во еден од најдобрите светки вински производители на врвни вина. Нашата визија и во иднина е да излеземе од просечноста и вообичаеното, а со тоа да прераснеме во вистински лидер не само во регионот, туку и во светски рамки.“, вели претседателот на Управниот одбор на „Тиквеш“, Светозар Јаневски.
Секако голем дел од заслугите за ваквиот успех ги има и светски познатиот вински консултант Филип Камби, кој долги години соработува со „Тиквеш“ и чии насоки и совети му овозможија на енолошкиот тим на винарницата и овој пат успешно да ги пронајдат точките во кои се спојуваат француската и македонската винска традиција и на тој начин да креираат уште едно уникатно врвно вино.
За уникатните карактеристики на ова врвно вино заслужен е и македонскиот енолошкиот тим предводен од главниот енолог, Марко Стојаковиќ. Тие создадоа богато, комплексно и впечатливо вино со полно тело и совршено балансиран вкус, кој изобилува со кадифени танини и ненадминлива елеганција.
Црвеното вино Terrasse à l’Ombre (Терас а Ломбр, Тераса во сенка), претставува купажа во која доминира црниот гренаш, со специфично влијание на зачинскиот карактер на сортата сира. Тоа е произведено во француската винарница Château de Gourdon (Шато де Гурдон) – која постои од 1870 година, а која од 2018 година е дел од системот на „Тиквеш“. Лозјата кои се дел од овој посед се простираат на 50 хектари во долината на јужна Рона и се сместени во единствено поднебје, изложени на сонце и на свежината на ветрот Мистрал во текот на целиот ден. Тие се издигаат од песочен терен богат со речен камен кој во текот на ноќта зрачи со топлина акумулирана во текот на денот и така му помага на гроздот совршено да созрее. Единствената микроклима и составот на почвата го стимулираат високиот квалитет на секој грозд, кој потоа се бере рачно, за на крај да се преточи во комплексни и неповторливи вина.