Парламентарното мнозинство вчера реши да стави крај на уцените од парламентарната опозиција, обезбедивме кворум и потребно мнозинство, Собранието беше функционално и ефикасно. Ова го истакна на прес-конференција, Снежана Калеска Ванчева, пратеничка и координаторка на Форум на жени на СДСМ, откако беше изгласан петтиот пакет економски мерки, а двајца пратеници заразени со Ковид присуствуваа во законодавниот дом.
„Вчера победија интересите и потребите на граѓаните, на оние граѓани чии претставници сме, оние граѓани кои нè плаќаат преку Буџетот. Вчера повторно беше поразено деструктивното, ненародно дејствување на опозицијата. Пропаднаа сите нивни обиди народот да остане без помошта што е обезбедена од Владата, пропаднаа нивните обиди Собранието да биде нефункционално и закочено“, изјави Калеска-Ванчева.
Таа обвини дека и денеска ВМРО-ДПМНЕ се однесува деструктивно, како пример посочувајќи дека пратеникот од опозицијата, Тимчо Муцунски ја откажал седницата на Комисијата за финансирање и буџет, само еден час пред одржувањето.
„На оваа седница на дневен ред беше уште еден закон од интерес на работниците, закон поврзан со надминување на последиците од коронакризата, односно Законот за данок на добивка. Со предлог измените се предвидува олеснување на начинот за покривање на загуби на товар на идните добивки, се зголемува износот за регрес кој не се даночи со што се создаваат можности за исплата на повисок износ на регрес за годишен одмор за работниците. Ете колку се грижи ВМРО-ДПМНЕ за работниците, колку се грижи за компаниите, колку се грижи за економијата“, изјави Калеска-Ванчева.
По двомесечна блокада, вчера Собранието ги донесе измените и дополнувањата на законите со кои ќе се реализираат мерките од петтиот пакет. Со тоа, овие денови започнува исплатата на финансиската поддршка за исплата на плати за месеците февруари и март, каде се опфаќаат 60.000 работни места, а компаниите од најпогодените сектори на располагање ќе имаат 615 милиони денари кредити со нула отсто каматна стапка.
Опозицијата најави кривични пријави за двајцата пратеници кои заразени со Ковид-19 гласаа во Собранието.