24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Притвор за шверцер на дрога на граничниот премин Деве Баир

По барање на Јавното обвинителство во Куманово судот му одреди притвор на осомничено лице, во чиј автомобил била најдена голема количина дрога при излез од државата на граничниот премин Деве Баир. Тој се обидел дрогата да ја пренесе во Бугарија.

„Осомничениот, на 7 март, при излез од државата на граничниот премин Деве Баир неовластено пренесувал наркотична дрога хашиш со вкупна нето-маса од 8,3 килограми и марихуана со вкупна нето-маса од 4,9 килограми. Дрогата претходно ја набавил од лице во Република Албанија и ја скрил во специјално изработен бункер под возачкото и совозачкото седиште во својот автомобил ‘бмв’, со албански регистерски ознаки. Потоа се обидел дрогата да ја пренесе во Република Бугарија, но бил откриен од царинските службеници на граничниот премин Деве Баир“, соопшти Обвинителството.

Поради опасност од бегство, можност да влијае врз постапката или да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд Куманово достави предлог за определување мерка притвор. Судијата го прифати предлогот на обвинителот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.​​