Centar.mk – Дознај сѐ!
Македонија

Заев: Во координирана акција Сашо Мијалков немаше друг избор и го стори она што му беше неизбежна опција да се пријави и да си го земе решението за притвор

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружен од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и министерот за правда, Бојан Маричиќ, одржа прес-конференција на која ги соопшти деталите од акцијата после која осомничениот во предметот „Таргет-тврдина“, Сашо Мијалков, беше принуден да замине во Обвинителството за организиран криминал за да го подигне решението за притвор.

Во продолжение ви ја пренесуваме изјавата на премиерот Заев во целост:

Почитувани граѓани,

Почитувани претставници на медиумите,

Правдата е обезбедена, и ќе ја има и повеќе и почесто! И ќе следува ваков одговор на институциите секогаш кога некој ќе сака да си игра со правдата.

Во изминатите 40 часа институциите на Владата предводени од мене, во координација со правосудните органи, спроведовме акција со детални постапки. Беа преземени сите редовни и вонредни мерки.

Со акцијата координирав јас и можам да објавам дека Сашо Мијалков немаше друг избор и го стори она што му беше неизбежна опција. Се пријави во Обвинителството за организиран криминал и со тоа е обезбеден неговиот притвор.

Брзата мобилизација и координацијата помеѓу сите институции со сите активности дадоа резултат и ги елиминираа сите можности тој да ја напушти државата.

Сакам да истакнам дека за овој значаен успех дадоа придонес и надлежните министерства и надлежните агенции, судот и јавното обвинителство. Како резултат на тоа, беа избегнати нови потенцијални ризици. И успеавме во тоа. Им благодарам на сите институции и на сите претставници на тие институции.

Секако, Обвинителството и Судот, неговото пријавување во Обвинителството никако не треба да се сметаат за олеснителна околност, ниту за овој, ниту за било кој друг случај.

Затоа што не треба да се заборави дека Мијалков првично избега, односно не беше достапен до правосудните и органите на полицијата.

Исто така, останува нашата посветеност и одлучност и барање да се истражат пропустите поради кои се случи бегството, за што секако ќе следи одговорност.

Почитувани граѓани, јас, Зоран Заев, ве гледам во очи и ви докажувам – компромиси за правдата нема и нема да има, ако си грешел ќе одговараш!