По пријавувањето на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, во Обвинителството за организиран криминал и корупција, се огласи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој рече дека се потврдило оти постои криминална коалиција меѓу Зоран – Вице и Сашо.
„Ова е веќе циркус, направија циркус од државата. Заев, доста е. Доста е со навреди на интелигенцијата на народот, човекот ве гледа во очи и ве лаже, мака нема. Си играат мајтап додека мафијата царува. Денеска му стана совршено јасно на секој граѓанин во Македонија дека имаат договор. Првожин се договорија да избега, па се договорија да се врати, со посебен третман, со насмевка, со шлаканица за полицијата, судот, Обвинителството, со шлаканица за власта, вечерва недостигаше уште да му се извинат бидејќи тој им се извини ним. Тој е најдобра потврда дека постои криминална коалиција меѓу Зоран – Вице и Сашо. Ама домашниот есап на пазар не излегува. Само жестока јавна реакција спречи целосно фијаско и бегство. Тешка хаварија, за неколку часа, го упропастија системот и по којзнае кој пат поплукаа во правдата.
Дека сè е договорено и дека нема логика тоа што го тврди Зоран Заев оти наводно жестоко го притиснал и го вратил бегалецот од правдата, говорат следните факти.
Доброволно тој се прошета пред камерата на провладина телевизија со прашање на новинарот, кој сосема случајно се најде таму… ооо, господине, па вие сте овде… Полиција нема, ама камера има, каква сапуница. Наместо во суд, упат за куќен притвор доби во Обвинителството.
Бегалецот од правдата доби куќен притвор наместо ефективен притвор, а Вилма рече дека истрага за бегството нема да има. Апсолутно сè е јасно. И двајцата рекоа дека имале температура, можеби тие двајцата имаат, но народот нема.
Народот добро знае што се случува и правда, конечна правда, ве гледам во очи и ви кажувам – ќе има кога двајцата ќе бидат таму каде што заслужуваат – во затвор.
Сето ова што денеска се трудеше Зоран Заев да го каже и докаже пред македонската јавност и македонските граѓани дека институциите функционираат излегува дека навистина часописот „Економист“ бил во право кога велел дека владее хибриден режим. Кога велеше дека ја ослободиле Македонија од режим, лажеше и ја гледаше македонската јавност во очи. Кога заедно ќе прошетаме, еве, од Владата до триумфалната капија во центарот на градот и ќе го видиме заедно бројчаникот, каде што ветуваше дека ќе стоеле милијарди украдени пари, а тој им стана ортак.
Сите плаќаме прескап билет за циркусот што ни го сервираат затоа што си играат со нашите судбини. Затоа, наша заедничка обврска е на сето ова да му ставиме крај и уште пожестоко да работиме овој хибриден режим да го собориме. И набргу ќе го собориме. На Владата, ваква кава што е се ниша и виси на конец, ѝ доаѓа крајот“, порача Мицкоски.