Centar.mk – Дознај сѐ!
Македонија

Османи во работна посета на Франција

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, од денеска престојува во работна посета на Франција, каде што ќе оствари средба со министерот за Европа и надворешни работи, Жан-Ив Ле Дријан.

Покрај средбата со својот домаќин, Османи ќе ја посети и Елисејската палата, каде што ќе оствари средба со советниците во кабинетот на претседателот Емануел Макрон, Изабел Думон, надлежна за континентална Европа и Турција, и со советникот за Европа, Александар Адам.

Покрај билатералните односи, на средбата ќе се разговара и за европските перспективи на Република Северна Македонија, како и актуелните прашања поврзани со пандемијата и соработката на тој план. Во рамките на посетата на Франција, двајцата министри, Османи и Ле Дријан, ќе потпишат и неколку билатерални договори.

Во агендата на Османи е предвидена и средба и со Марта де Сидрак, претседател на групата за соработка меѓу Франција и земјите од Западен Балкан на францускиот Сенат, а ќе има одделен состанок и со заменик-генералниот директор на Француската агенција за развој, Филип Бодуен.

Работната посета на Париз на шефот на дипломатијата, Османи, е дел од неговата дипломатска турнеја на земјите членки на Европската Унија со цел презентација на европското досие на Северна Македонија и реафирмација на поддршката за нашата земја.