23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Бектеши: Во претседавањето со ЦЕФТА приоритет ќе биде отстранување на пречките во трговијата

Министерот за економија, Крешник Бектеши, и амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Дејвид Гир, ги презентираа приоритетите на Северна Македонија со претседавањето на Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) во 2021 година.

Бектеши во своето обраќање рече дека слободното движење на стоките, слободната трговија со услугите, отстранување на пречките во трговијата со стоките и услугите, дополнителниот протокол 7 за решавање на споровите, како и институционалниот развој на ЦЕФТА-структурите ќе бидат приоритет на македонското претседавање оваа година.

Додаде дека примената на ЦЕФТА-договорот и активностите предвидени во акцискиот план на заедничкиот регионален пазар 2021-2024 ќе бидат основите за нашето претседавање.

„Клучниот столб на нашето претседавање е трговијата. Овој столб има цел олеснување на слободното движење на стоки, капитал, услуги и луѓе меѓу земјите на ЦЕФТА со цел да се овозможи просперитет и благосостојба за сите граѓани. Активност што ја наметна пандемијата е продолжување на функционирање на зелените коридори за полесно транзитирање на стоки во регионот, како и за проширување на овие коридори кон соседните земји во ЕУ“, потенцира Бектеши.

Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека претседавањето со ЦЕФТА на Северна Македонија ѝ дава можност за значаен напредок во многу области.

„Економско-инвестицискиот план и ЦЕФТА делат заедничка цел: подобро да ги интегрираат економски земјите од Западен Балкан помеѓу себе и со ЕУ. Планот исто така става силен акцент на градењето заеднички регионален пазар како начин за зголемување на конкурентноста на земјите од Западен Балкан“, истакна евроамбасадорот Гир.