25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Иванов за насилствата на 27 април: Небулоза и дел од сценарио е дека сум сакал да прогласам воена состојба

Информациите дека на 27 април 2017 година планирал да прогласи воена состојба, поранешниот претседател на државата, Ѓорге Иванов на денешното сведочење во Основниот кривичен суд во Скопје рече дека се небулози и дека оваа теза е за негова дискредитација, пишува порталот 360 степени.

„Сѐ што е поврзано со воена состојба произлезе од текст објавен во еден неделник, една недела пред настаните. Објавен беше текст со шпекулации, невистини. До 27 април тој текст беше интерпретиран, коментиран во другите медиуми во земјата и беше пренесен во странски медиуми. Целиот текст е небулоза. Уставот е јасен: воена состојба се прогласува кога постои опасност за напад на Републиката, кога е нападната државата или кога ѝ е објавена војна на Републиката“ рекол Иванов.

Иванов кој е повикан како сведок по предлог на одбраната во процесот за организацијата на крвавиот четврток на 27 април, нагласи дека одлуката за воена состојба ја носи Собранието со двотретинско мнозинство, кое ако не се состане, одлука може да донесе и претседателот, но таа потоа оди на потврдување во Собрание.

„Немаше теоретска можност за прогласување воена состојба. Ова е дел од сценарио и школски пример за создавање на воена психоза“, оценил тој.

Меѓудругото, екс претседателот се надоврза и за движењето „За заедничка Македонија“, кое ркол дека јавно го подржувал.

Инаку, обвинети во случајот за организација на 27 април се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Минатата недела во Кривичниот суд сведочеше и поранешниот шеф на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, кој за овој случај веќе е осуден 18 години затвор.

Во истрагата за овој предмет беа опфатени и бившиот премиер, Никола Груевски и ексразузнавачот од УБК, Никола Бошковски, меѓутоа и двајцата избегаа од државата. За нив е поднесен обвинителниот акт, но постапката ќе продолжи кога тие ќе бидат достапни на органите.