23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Пакет-мерките на Владата не се доволни за да ги покријат загубите

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека во рамките на активностите на партијата денеска ќе посети неколку стопански објекти во атарот на општините Чаир и Бутел.

„Ќе разговараме со голем број стопанственици од кои практично сакаме да се добие навигација и информација во која насока се движи економијата во државата, какви се условите за водењето бизнис и дали целата перцепција и сите оние информации со кои располагаме, а кои ги добиваме од други бизнисмени и претприемачи од другите градови и од другите стопански субјекти, се вистинити, дека практично економијата оди во надолна линија, дека луѓето се без помошни, оние пакет-мерки што Владата ги предвиде не се доволни за да ги покријат загубите во нивното работење. Имајќи предвид дека повеќе од 50.000 наши сограѓани останаа без работа, односно бројот на лица што се новоневработени е поголем од 50.000, понатаму повеќе од 6.000 субјекти изминатиот период згаснаа, односно престанаа да постојат“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека сака да разговара и со претприемачите во општините Чаир и Бутел, да ги види какви се нивните информации и чувства во врска со економската ситуација во државата.

„Од најмалите, би рекол од оние што имаат и помали продавници со кои стопанисуваат, па до средни, па до оние малку поголемите работодаваци, така што продолжуваме со активностите, денеска, утре, деновите што следуваат, сè до локалните избори. Многу е важно да добиеме правилна информација за да можеме и таква практично програма да направиме, а зошто да не биде тоа идната владина програма на некое ново владино мнозинство“, истакна Мицкоски.