Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Младите ја раскажуваат приказната за рубинот – Божиновска се сретна со наградените ученички

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со ученички од трета година од Гимназијата „Ѓорѓи Димитров“ во Скопје, кои со својот труд и креативност веќе оставаат впечаток на национално ниво.

Станува збор за Марија Ташевска, Јасемин Демировска и Ангела Ристовска, заедно со нивната професорка Марина Иванова, кои во рамки на предметот Говорење и пишување изработиле документарен филм посветен на македонскиот рубин – тема што отвора важни прашања за природните и минералните богатства на нашата земја.

Нивниот филм беше претставен на државниот фестивал за непрофесионален филм, во организација на Народна техника, каде во конкуренција на околу 40 филмови освоија сребрена награда – успех кој говори за истражувачки дух и искрена љубопитност.

Министерката Божиновска ја поздрави нивната иницијатива, потенцирајќи дека токму ваквите примери се доказ дека младите имаат потенцијал да ги препознаат, истражуваат и афирмираат вредностите на сопствената земја.

„Особено ме радува што младите избираат да зборуваат за теми кои се директно поврзани со нашите природни ресурси и богатства. Македонскиот рубин не е само минерал – тој е дел од нашиот идентитет и вистинско богатство. Ваквите иницијативи треба да се поттикнуваат и поддржуваат, бидејќи знаењето и свесноста започнуваат токму од младите генерации“, истакна министерката Божиновска.

На средбата беше нагласена потребата од поголема едукација и вклученост на младите во теми поврзани со енергетиката, рударството и одржливото користење на природните ресурси, како и важноста од нивно активно учество во градењето на идни политики.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува отворено за поддршка на вакви иницијативи, кои не само што ја промовираат креативноста, туку и ја јакнат свеста за вредностите што ги поседува нашата земја.

 

Можеби ќе ве интересира

Пронајдена дрога на Граничен премин Стар Дојран, лишени од слобода две лица, следува пријава

ДЕСК

ДА НЕ ВЕ ЛАЖЕ ДЕНЕШНОТО СОНЦЕ, СИНОПТИЧАРИТЕ НАЈАВУВААТ НЕВРЕМЕ: Детална прогноза за следните 4 дена

ДЕСК

Поголема соработка и итна акција за воспоставување на одржливо управување со отпад базиран на кружната економија

ДЕСК