Во Северна Македонија има 16 500 матуранти кои завршуваат четиригодишно средно училиште. Од нив, дури 15 000 или рекордни над 93 отсто, се пријавиле да полагаат државна матура. Огромниот интерес кај матурантите покажува дека тие го сфатиле концептот со завршниот испит и дека се свесни оти понатамошниот образовен процес може да го продолжат само ако имаат положено матура. Оваа година матурата ќе се полага согласно утврдениот концепт, во чие дефинирање учевствувале и самите средношколци. За следната година се најавува целосно нова концепција на државната матура, според современи стандарди.
„Уште во текот на првото полугодие, целосно почитувајќи го демократското право на изразување на учениците, од страна на МОН беа прифатени сите забелешки за олеснување во делот на испитните матурски програми по сите предмети. Државниот испитен центар, МОН и средношколците заедно ќе работат на целосно нова концепција за полагање државна матура која ќе се применува од идната учебна година, за што во тек е формирање на работна група во која ќе бидат вклучени и средношколците.“- стои во соопштението од МОН.
Големиот интерес кај матурантите да го положат завршниот испит од нивното средно образование е потврда дека во училиштата нема масовен бојкот на наставата, дека учениците се свесни за ризиците од неодење на часови и дека матурата им е неопходна, а МОН има законска обврска да ја спроведе. Токму затоа, Министерството за образование апелира до матурантите и средношколците да продолжат со наставата по веќе воспоставениот комбиниран модел затоа што тоа е во најдобар интерес на сите ученици и во интерес на заштитата на јавното здравје.
Со масовното пријавување за државна матура, средношколците испратија зрела порака до политичките партии да останат надвор од школските клупи и да не предизвикуваат тензии и поделби помеѓу учениците. Особено пораката е испратена до опозициската ВМРО ДПМНЕ, која повторно користи ситуација во општеството да ја заврти во своја полза и да профитира. Тие лажно преставуваат дека образовниот систем не функционира и со дезинформациите за состојбата манипулира со одреден број матуранти, особено со оние кои неуспешно се обидуваат да организираат неоснован и непотребен бојкот на наставата. Иако е забрането политички да се дејствува во училиштата и преку учениците, ВМРО ДПМНЕ ја злоупотребува иднината на младите, и со промовирање на неточни тези пред граѓаните внесува дополнителни грижи и несоници кај учениците и кај нивните родители.