Од 36-тата седница на Владата: Укината забраната за летови од Велика Британија; Одобрен текстот на финансиската гаранција за набавка на вакцини преку КОВАКС
Владата на Република Северна Македонија на денешната 36-та седница донесе одлука за укинување на забраната за авионските летови од Велика Британија и Северна Ирска во Република Северна Македонија која важеше до крајот на 2020 година, како и задолжителната мерка за самоизолација на патниците што доаѓаа од овие дестинации во рок 14 дена.
На оваа седница Владата донесе Одлука за Деветнаесетта емисија на обврзници за денационализација во висина од 11.500.000 евра за реализација на вкупно 800 решенија за денационализација кои се правосилни во периодот од 01.01.2019 година до 31.12.2019 година на кои им обезбедено правото за надомест во вид на обврзници.
Обврзниците за денационализација се издаваат со рок на достасување од 10 години и со каматна стапка од 2% годишно. Исплатата на обврзниците се врши еднаш годишно на 1 јуни секоја година, а исплатата на обврзниците за денационализација од деветнаесеттата емисија ќе започне од 2021 година.
На денешната седница Владата ја разгледа и усвои текстот на гаранцијата усогласен помеѓу Глобалниот сојуз за вакцини (ГАВИ) (GAVI ALLIANCE) како корисник на гаранцијата и Комерцијална банка за финансиската гаранција на износ од 7.457.140 американски долари за набавка на вакцини преку КОВАКС системот, и го овласти министерот за здравство, д-р Венко Филипче во име на Владата на Република Северна Mакедонија да го потпише текстот на гаранцијата.
Со заклучок по информацијата, Владата го разгледа и го прифати текстот на Договорот за издавање на девизна платива гаранција со својство на извршна исправа што треба да биде склучен помеѓу Владата на Република Северна Mакедонија и Комерцијална банка заради обезбедување на финансиската гаранција и го овласти министерот за здравство, д-р Венко Филипче од име на Владата на Република Северна Mакедонија да го потпише овој Договор.