25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСТОП ВЕСТИ

Легален канабис ги полни баровите, туристички места и државната каса

Според информации пласирани низ медиумите во Северна Македонија, во индустријата за производство на канабис има инвестиции од 150 до 200 милиони евра, а вработени се околу 1 000 работници, со плати над 40 000 денари. Овие неколку бројки се уште еден аргумент за легализација. Милионските инвестиции се доказ за иднината на овој бизнис, но и за сериозноста во одржување квалитет на производството. Постојаното вработување на нови кадри во погоните исто така зборува за порастот на индустријата, а тоа што таму платите се многу повисоки од просечната плата покажува дека во бизнисот се вртат многу пари.

Колку македонските граѓани се подготвени да ја прифатат новата реалност за канабисот? Дали може поголем дел од нив да станат свесни за придобивките од легализација, и дали период од една година е доволен да се наметне легализацијата како исправна одлука со повеќестрани придобивки. Во моментов произведениот канабис се користи во македонската фармација за производство на масло. За да може реално да расте оваа индустрија неопходно е да се дозволи извоз на сувиот цвет од канабис низ Европа и светот. Тоа е едниот правец за развој, да можат македонските фирми да го извезуваат својот производ, кој според квалитетот е конкурентен на европските пазари.

Така, прво би се зголемил бројот на фабрики во нашата држава, а потоа и извозот надвор, што пак ќе донесе финансиски приливи и на фирмите, но и на државата.

Понатаму, вториот правец е легализација на марихуаната за рекреативна употреба, а тоа значи на одредени места, локали, барови, плажи, скијачки центри и секаде онаму каде постои потенцијал за туризам, да може слободно да се конзумира, без тоа да преставува кривично дело. Не постои држава во светот која има негативно искуство со легализацијата, напротив, приливот во државните каси постојано расте, а канабисот го зазема заслуженото место во медицината. Ако поголемите и поразвиени држави само го унапредуваат бизнисот, и ако постојано инкасираат милијарди во домашните буџети, тогаш зошто Северна Македонија не би била пионер во регионот, еден секогаш мора да почне прв.