Бугарското министерство за надвореши работи се огласи откако Чешка и Словачка го блокираа усвојувањето на заклучоците за Западен Балкан во Советот на Европската унија.
Чешка и Словачка денеска објавија заеднички став во кој официјално соопштија дека двете земји не може да се согласат со донесените заклучоци, а посебен проблем претставува контроверзната реченица „погрешно толкување на историјата“ која Бугарија ѝ ја наметна на Македонија како услов за влез во Европската унија.
„Нема да дозволиме Европската унија да биде судија за нашата заедничка историја, како ние се идентификуваме или на кој јазик зборуваме“, порачаа во заедничката изјава министрите за надворешни работи на Чешка и Словачка, Томаш Петричек и Иван Корчок.
После ветото на Чешка и Словачка, сега уште повеќе се продлабочи проблемот околу проширувањето на Европската унија, додека истовремено официјален Берлин инсистира да биде изнајдено решение до крајот на годината кога и завршува германското претседателство со Унијата.
Откако, благодарение на Чешка и Словачка стана јасно дека во Европската унија има земји кои нема да го толерираат „силеџиството“ и срамните услови кои Бугарија ѝ ги наметнува на Македонија како услов за влез во Европската унија, се огласија и од бугарското Министерство за надворешни работи.
Бугарското МНР истакна дека Бугарија жали што неочекувано и „без образложение“ денеска беа блокирани заклучоците на Советот на ЕУ.
„Подготвени сме да ја слушнеме загриженоста што доведе до оваа одлука и да продолжиме со нашите напори да постигнеме консензус за проширувањето. Ветото врз заклучоците на Советот ризикува да ја поткопа довербата на ЕУ и да ја спречи Унијата да го испрати многу потребниот сигнал до Западен Балкан за стимулирање на неопходните реформи што земјите кои сакаат да се приклучат мора да ги преземат“, стои меѓу другото во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи.
Од бугарското МНР се правдаат дека заклучоците на Советот за проширување на ЕУ немаат никаква врска со процесот на одобрување на преговарачките рамки Албанија и Македонија, а Софија ја поздравува преговарачката рамка за Албанија и го поздравува дополнителното време за подобрување на рамката за Македонија.