Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд-Скопје достави обвинение против девет лица за случајот „Поштенска банка“.
Меѓу обвинетите се и поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитров, како и бизнисменот Томе Главчев.
Од Обвинителството информираат дека обвинетите испрале над девет милиони евра од почетокoт на 2001 година до крајот на 2004 година.
Во случајот се наведува и дека дел од обвинетите, од Еуростандард банка подигнале кредит во износ од 244.000.000 денари или 3.967.480 евра, а како гаранција за подигнатиот кредит ги заложиле акциите кои биле евидентирани на нивно име во банката. Кредитите не биле вратени и Еуростандард банка станала сопственик на заложените акции.
Во прилог целото соопштение на Обвинителството:
„По сеопфатна истражна постапка, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд –Скопје достави Обвинителен акт против девет лица. На обвинетите К.С., Т.Г. и Р.Д им се става на товар дека сториле продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.4 вв со ст.3 в.в ст.1, а заедно со останатите З.Ш, В.Ш, В.Д, В.П, Г.К и З.М сториле и кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 ст.5 и ст. 3 в.в со ст.1 од Кривичниот законик. Со дејствијата што обвинетите ги презеле бесправно се пуштени пари во оптек во вредност од над 9 милиони евра.
Од почеток на 2001 година до крајот на 2004 година К.С, Т.Г и Р.Д како одговорни лица во правни лица, со намера за две правни лица во приватна сопственост да прибават значителна имотна корист, ја злоупотребиле службената положба и овластување во вршење на нивните посебни овластувања за законито работење на правните лица. Првообвинетиот К.С. во почетокот на 2001 година како директор на правно лице – штедилница во државна сопственост, со обвинетите Т.Г и Р.Д. го договорил начинот на кој при трансформација на штедилницата во банка, освен утврдениот основач, како основачи да се јават и правните лица на обвинетите Т.Г. и Р.Д. За таа цел обвинетите Т.Г. и Р.Д. зеле краткорочни кредити од комерцијални банки кои требало да се вратат со одобрени кредити од новата банка, на правни лица што обвинетите Т.Г. и Р.Д. ги избрале. Така, првообвинетиот К.С., како генерален директор во банката, со цел да го исполни договорот, склучил договори за кредити со седум правни лица што ги избрале обвинетите Т.Г. и Р.Д. и им одобрил и исплатил кредити во вкупен износ од 144.500.000 денари или 2.349.594 евра. Потоа, обвинетите Т.Г. и Р.Д. по основ на наводни позајмици, организирале исплатените средства да бидат уплатени на нивните правни лица. Со паричните средства на име позајмица обвинетите Т.Г. и Р.Д. го исплатиле кредитот земен за основачки влог во комерцијалните банки. Со ваквите дејствија двајцата постапиле спротивно на чл.38 од Закон за банки кој предвидува „Банката не може да одобри кредит или да воспостави друг облик на кредитна изложеност кој директно или индиректно ќе се искористи за купување акции во истата банка“.
Со добивање акции од трансформираното правно лице – банка, прибавиле противправна корист и со тоа спротивно на законот станале основачи. Искористувајќи ги своите позиции во банката Т.Г. и Р.Д. овозможиле друштвата што добиле кредити воопшто да не го враќаат долгот на банката.
Обвинетиот К.С. со внесување на административно-деловниот објект во изградба со пазарна вредност од 404.590.850 денари или 6.578.713 евра кој бил имот на штедилницата, како имот на банката, овозможил значително да се зголеми вредноста на акциите што ги поседувале правните лица на Т.Г. и Р.Д и како основачи на банката незаконски да се стекнат со 2/3 од вредноста на административно-деловниот објект, односно значителна имотна корист од по 134.863.616 денари или по 2.192.904 евра.
Воедно, К.С. без исполнување на законските услови, во неколку наврати одобрувал кредити на друштва, при што договарал долгот воопшто да не се враќа. Со ваквите дејствија била прибавена значителна имотна корист за друштвата, а парите, иако знаеле дека се прибавени со казниво дело злоупотреба на службена положба и овластување по чл.353 ст.4 вв со ст.3 вв со ст.1 од КЗ, биле примени и пуштени во оптек од страна на обвинетите Т.Г, З.Ш, В.Ш, Р.Д. В.Д.
Во периодот од 2002-2004 година, шест друштва постапиле спротивно на чл.38 од Законот за банки и се обиделе акциите на банката од втората емисија да ги купат со средствата од самата банка. К.С. иако знаел дека Народна банка не го одобрила спроведувањето на втората емисија, без да постои правен основ, со управителите на друштвата кои учествувале во купување на акциите склучил договори за надомест на штета, притоа банката на друштвата им исплатила вкупен износ од 81.703.461 денар по основ на наводна камата. Со овие дејствија К.С. за друштвата прибавил значителна корист, а со добиените средства обвинетите затвориле поголем дел од обврски и кредити за кои имале интерес.
На почетокот на 2005 година, со цел да ја прикријат прибавената корист од трансакциите, во име на своите правни лица, Т.Г. и Р.Д. подигнале кредити во износ на 144.000.000 денари, односно 100.000.000 денари од Еуростандард банка и ги исплатиле кредитите на друштвата во банката. Во исто време, обвинетите Т.Г. и Р.Д. при банкарско работење го замениле имот што го прибавиле со казниво дело и прикриле дека тој имот потекнува од казниво дело. Имено, на почетокот на 2005 година, кога станале свесни дека со нивната противправна имотна корист ја оштетиле Македонска пошта, единствениот реален основач на банката, за вкупен износ од 8.134.504 евра, го искористиле капиталот на банката и за да одбегнат добивање согласност од Македонска пошта како акционер со златна акција, ги отуѓиле акциите евидентирани на нивните правни лица. За таа цел од Еуростандард банка АД подигнале кредит во износ од 244.000.000 денари или 3.967.480 евра, а како гаранција за подигнатиот кредит ги заложиле акциите кои биле евидентирани на нивно име во банката. Кредитите не биле вратени и Еуростандард банка станала сопственик на заложените акции. Обвинетите Т.Г и Р.Д., со паричните средства од кредитот на Еуростандард банка исплатиле дел од противправно прибавена корист во вкупна вредност од 241.343.619 денари или 3.924.286 евра на име на кредити што биле употребени за стекнување на основачки влог во банката и фиктивни кредити кои индиректно ги користеле за сопствени потреби.
Обвинителството во врска со предметот донесе и Наредба за проценка на замрзнатиот имот и евентуален дополнителен имот во сопственост на обвинетите со кој би се реализирала постапката за конфискација“, информираат од Обвинителството.