Министерот за здравство, Венко Филипче, во својство на претседател на комисијата за здравство на СДСМ, вечерва од Штип, во онлајн обраќањето до граѓаните порача дека изборите на 13 декември ќе бидат целосно безбедни по здравјето, и упати пофални зборови за кандидатот на СДСМ за градоначалник, Сашко Николов.
„Резултатот на доктор Сашко Николов е илјадници спасени животи, и тоа на врвен начин со ниво на експертиза што се спроведува во европски и светски центри, тоа е најдобриот начин да излезе меѓу граѓаните и да го побара гласот, бидејќи неговиот влог дал резултат“, нагласи Филипче.
Филипче најави инвестиции во Центарот за јавно здравје и Здравствениот дом во Штип, кои координирано и синхронизирано работат во пандемијата да им се излезе во пресрет на граѓаните на Штип и на целиот источен регион, кои се состојат од реновирање во инфраструктурата, во итната помош, и набавка на уште едно возило за итната помош во Штип, кое ќе пристигне идната недела.
„Се вработија многу луѓе, млади лекари преку проектот на платен стаж, што претставува загарантиран влез на секој млад доктор во здравствениот систем, со цел младите лекари иднината да ја бараат тука, а не да заминуваат во странство“, истакна Филипче.
Филипче рече дека е апсолутно нерационално и апсурдно, ВМРО-ДПМНЕ да организираат протести на кои не ги почитуваат мерките за заштита, а не одат на избори, наводно поради пандемијата.
„Што да се каже за луѓе на кои во потсвеста им стои името на премиерот Зоран Заев, ги оптеретува, со тоа се будат и заспиваат и свесни се дека прават нешто што не треба. Ако опозицијата не го кочеше заемот од Светска банка, сега наместо една модуларна болница, кај Инфективната клиника, ќе имавме 16 опремени модуларни болници, сега ќе бевме спремни, пациентите со ковид ќе беа сместени надвор од болниците, за сегашните болници да останат за другите пациенти“, рече Филипче, нагласувајќи дека во брза динамика ќе се реализира нивно поставување.
Во своето обраќање, Филипче ги повика граѓаните на Штип на 13 декември да излезат на избори кои ќе бидат целосно безбедни по јавното здравје и својот глас да го дадат за Сашко Николов.