ВМРО-ДПМНЕ и во Собранието и надвор од него не прави ништо во интерес на граѓаните, напротив, само лаже и се однесува деструктивно, порача пратеникот на СДСМ, Костадин Костадинов, на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието.
„Вашето однесување често потсетува на режим, на едно време кога овде во оваа сала се тепаа пратеници, само затоа што имале поинакво мислење од вашиот лидер“, порача Костадинов обраќајќи се кон пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека токму ВМРО-ДПМНЕ со неодговорното однесување го загрозува јавното здравје.
Костадинов посочи дека ВМРО-ДПМНЕ не направила ништо позитивно за државата, а за време на кризата предизвикана од коронавирусот постојано ги игнорира мерките и тера дневна политика со здравјето на граѓаните.
Во обраќањето Костадинов посочи дека навикната на времето на режимот, ВМРО-ДПМНЕ во Собранието се обидува да ја спречи слободата на говор за да не се види на дело нивното лицемерство кон граѓаните.
„Партијата ВМРО-ДПМНЕ 11 години се обидуваше на македонскиот народ да му инсталира поинаков идентитет од тоа што да инсталира антички идентитет и со тоа направи сериозни проблеми. Партијата што го смени името на улицата Бихаќска, каде што во ноември 1942 година е одржано Првото заседание на АВНОЈ, со што е потврдена сувереноста на македонскиот народ, сега глуми патриотизам. Партијата што се обиде да го забрани празнувањето на Февруаскиот поход сега глуми дека во нејзините редови се најголемите партизани. ВМРО-ДПМНЕ поставуваше споменици во вредност од една милијарда евра и немаше храброст да ги именува со вистинските имиња, а денес глуми патриотизам. ВМРО-ДПМНЕ денеска шири загриженост и шири хистерија дека е нарушен македонскиот идентитет, дека е загрозен македонскиот јазик. ВМРО-ДПМНЕ не прави ништо друго, освен што лаже“, порача Костадинов.