22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Поддршка од членови на Владата и врвот на СДСМ за политиките на Заев

Членови на Владата и СДСМ вечерва изразија поддршка за политиката на премиерот Зоран Заев, кој претрпе многу критики по вчерашното интервју за БГНЕС.

Поддршка стигна од Министрите Спасовски, Шекеринска, Филипче, Маричиќ, од вицепремиерот за борба против корупција Николовски, потпретседателот на СДСМ и директор на ФИТР, Коста Петров и други.

Искажаните ставови на претседателот на партијата и премиер, Зоран Заев, се ставови на СДСМ. Овие ставови се изградени во рамки на партијата и нејзините органи, овие ставови се државни ставови и државни позиции, врз основа на довербата на граѓаните на последните избори. Став на партијата, на Владата, на претседателот Заев, но и државна позиција е дека македонската иднина е во Европската Унија, дека Македонците со својот македонски јазик чекорат напред кон Европа, кон просперитет и кон пријателство со сите соседи, велат тие.

„Премиерот Зоран Заев во изминатите три години донесе низа тешки, но целосно исправни одлуки со кои ја обезбедивме иднината за нашата земја. Тоа што тој и тимот го постигнаа во сите досегашни преговори, како и напредокот кој го направивме во ЕУ интеграциите се за најголема почит. Мора да продолжиме по овој пат и мудро да градиме пријателства штитјеќи ги нашите интереси и напредувајќи кон Европската унија. Досегашните политики на отвореност и дијалог решија децениски спорови и така мора да продолжиме“, истакна Филипче.

Заев денеска изјави дека жали што неговото интервју за БГНЕС во кое зборува за историјата предизвикало огромно незадоволство кај јавноста. Тој порача дека на антифашизмот почива македонската државност, но и дека „е неприфатливо давањето етнички карактеристики на фашизмот било тоа во бугарски или кој било друг контекст“.

„Имам обврска кон македонските граѓани да поттикнам придвижување кон решение на прашањата што се отворија со Република Бугарија и што станаа пречка за одобрување на рамката за преговори со Европската Унија. И двата народа, и Македонците и Бугарите, треба да се соочиме со тие прашања од историјата и да развиеме и одржиме капацитет за разбирање и за простување. Европските народи се договорија да не заборават, но да си простат. Заради иднината. Заради заедничката иднина во Европската Унија која е пример како во име на иднината, најдлабоките разлики и историски конфликти беа оставени во минатото. Тоа е мојата најдобра намера и таа намера постојано ќе ја застапувам додека постои и најмала шанса за решенија и за успех на нашиот процес за членство во ЕУ со старт на преговорите. Нашата државност почива на делата на антифашизмот. Нашата слобода е резултат на антифашизмот.“, изјави Зоран Заев, премиер на Северна Македонија.

Поранешниот претседател и премиер, Бранко Црвенковски пак денеска повика под итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО ниту на СДСМ во целина.

„До одржувањето на таква седница на ЦО, јас, Бранко Црвенковски, основач и долгогодишен претседател на СДСМ, го замрзнувам моето членство во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, вели тој.

„СДСМ и македонските граѓани избраа иднина и избраа да чекорат напред, многу одамна, а Црвенковски е историја“, му порача генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.