„Не сум слушнал дека некој ме обвинил за селективен пристап во борбата против корупцијата. Работиме чесно, искрено и тоа го знаат граѓаните. Не прифаќам етикети за селективност. Ваквата поставеност на системот мора да даде резултати, да оствари успех. Не сум чул дека правиме селекција и еве кажете случај за селективност ако знаете. Јас како вицепремиер ги координирам институциите кои се под извршната власт, оние чија надлежност е борба против криминалот, но тоа не значи дека ќе ги кооридинирам обвинителствата и судовите. Инстиуциите разочараа многумина, пред се младите, затоа сме во мисија да ја вратиме таа доверба.“ – изјави вицепремиерот Љупчо Николовски во емисијата „Трилинг“ на телевизија 24.
Тој порача дека законот веќе важи за сите и дека ниту еден нема да биде амнестиран од одговорност за криминал и корупција, макар и да припаѓа на СДСМ.
„Граѓаните направија за разлика од порано, дека сите случаи и афери кои се појавуваат ние ги процесуираме. Да потсетам дека претходно се беше поклопено од власта, и судството, и медиумите, и бевме меѓународно изолирана држава. Сега сме отворени, институциите започнаа да решаваат предмети, очекуваме завршница на сите предмети во кои има незаконити дејствија. За кој било случај и предмет очекуваме завршница, институциите да ја испорачаат правдата и така да ја вратиме довербата во нив. Затоа велам дека нема селективност, не знам за селективност. Со новиот Закон за Јавно обвинителство очекувам решавање на сите случаи, вклучително и предметите на СЈО. Веќе збориме дека законот важи за сите и очекуваме брза испорака на правда.“ – дополни Николовски.