22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Ќе се зајакне регулативата за заштита на новинарите

Министерот за правда Бојан Маричиќ ги покани медиумските здруженија преку разговор да се изнајде решение во Кривичниот законик за соодветна и поефикасна заштита на новинарите од напади и загрозуање на безбедноста.

„Паралелно треба да се разговара и со обвинителство и со судството, бидејќи сигурен сум дека на оваа тема можеме да имаме и дополнителна едукација на кадрите и во извршната власт, меѓутоа и во обвинителството и во судството за тоа како посоодветно или како подобро да се заштитат медиумите и новинарските работници при нивната секојдневна работа и соочување со евентуални напади или говор на омраза”, рече Маричиќ.

Тој потсети дека досега имал работна средба со ЗНМ, со Синдикатот на медиумите и со Советот за етика на која биле отворени темите коишто се поврзани со зајакната легислатива за заштита на новинарите и генерално на медиумските работници.

„Таа идеја е пренесена во групата која што работи на Кривичниот законик или на создавање на нов кривичен законик во којшто ќе имаме зајакната законска рамка за да има зголемени казни за оние потешки кривични дела сторени против новинари или против медиумски работници. Мислам дека во текот на креирањето на овој закон ќе продолжиме да разговараме со сите медиумски работници за да најдеме решение кое што ќе ја зајакне и законската рамка, но уште побитно и праксата на институциите за заштита на медиумите и на новинарите од говор на омраза или пак од кривични дела предизвикани од омраза”, рече Маричиќ.