Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на собраниската седница за ребаланс на буџетот истакна дека ова е историски највисок буџет кој не се троши соодветно, ниту за стимулирање на економски раст ниту за борба со корона кризата.
За тоа што требаше Владата да направи, Николоски рече дека првин требаше да се зголеми буџетот за здравството како приоритет и како што е во сите земји што се справуваат со корона-кризата. Второ, дополнителна награда за здравствените работници за да бидат постимулирани во својата работа. Обезбедување услови за образование за родителите да не земаат кредити за да купуваат лаптопи и компјутери за да може да ја следат наставата, а не децата да имаат трауми зашто таткото на другарчето може да купи два компјутера, а неговиот татко ниту еден.
Понатаму, компјутери и за наставниот кадар, како и бесплатен интернет за сите. Јавни протоколи за работа во сите сектори, а не да се размислува повторно за карантини. Зголемување на помошта при невработеност и дигитализација на сите јавни давачки, како и таргетирани субвенции и друго.
„Првото прашање што ни го поставуваат граѓаните во секојдневните средби е каде се парите. Второто прашање е зошто во Македонија не се градат автопати, железници, зошто во Македонија не се инвестира во инфраструктурата. Третото прашање е зошто запреа проектите што претходно постоеја. Сè се сведува на едно прашање – каде се парите? Ова е втор ребаланс на буџетот за оваа година и проектиран е на највисоко ниво во историјата на независна Македонија, некаде околу 3 милијарди и 191 милион евра. Она што е интересно во проекциите на Владата – приходите во вториот ребаланс остануваат на исто ниво како приходите во првиот ребаланс. Дали е тоа реално? Затоа што приходите се намалени во однос на иницијалниот план за приходи поради корона-кризата за 423 милиони евра. Но, она што е значајно дека се предвидува во четвртиот квартал, а тоа се октомври, ноември и декември, треба да се соберат околу 60 милијарди денари, односно околу една милијарда евра од граѓаните, што треба да биде раст од 6,3 проценти во однос на истите месеци минатата година. Што значи 6,3 проценти треба оваа година да се соберат повеќе пари од минатата, во услови кога минатата година немаше корона-криза. Прашувам како ќе се реализира тоа. Тоа нема да се случи и во тие услови дефицитот ќе биде далеку поголем од она што е проектирано во моментот“, посочи Николоски.
Второто значајно прашање е она што се однесува на буџетските расходи, односно колку Владата ќе троши оваа година. Вкупните расходи во овој ребаланс се 162 милиона евра повисоки од ребалансот еден и се на ниво на 4 милијарди и 112 милиони евра. Значи, оваа година Владата со ваква амбициозна претпоставка за третиот квартал предвидува приходи кои ќе бидат 3 милијарди и 191 милион евра, а расходите треба да бидат на ниво од 4 милијарди и 112 милиони евра, односно дупка во буџетот која е речиси 960 милиони евра. Историски најголема дупка што Македонија кога било ја видела во својата независност. Дупка што треба да ја плаќаат граѓаните.
Третата работа што е исклучително значајна се капиталните расходи, кои имаат историски најниска реализација во текот на оваа година. Истото се случуваше и во 2018 година повторно за време на владата на Заев, други се само министрите за финансии. Затоа, граѓаните прашуваат зошто не се градат автопати, железници и така натаму. За градежни објекти во првиот буџет беа предвидени 155 милиони евра, а во овој оди двојно надолу на 83 милиони евра во вториот ребаланс. Но, затоа капиталните субвенции на невладини организации се задржуваат речиси на исто ниво со претходниот ребаланс од приближно 52 милиона евра.
Буџетскиот дефицит оваа година ќе биде 8,4 проценти од домашниот бруто-производ. А јавниот долг е 59,3 проценти и со голема можност да оди и до 70 проценти затоа што приходната страна е нереално проектирана во овој буџет, рече Николоски.