23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Вицепремиерот Димитров во Париз на сесија во францускиот Сенат

Клучните приоритети од ЕУ-агендата за периодот што следува, предизвиците на евроинтегративниот пат, регионалните здравствени и политички случувања, заедничкиот геостратешки интерес за приближување на регионот кон ЕУ, беа темите на кои денеска во Париз заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, разговараше на сесијата во проширен состав во францускиот Сенат, со која претседаваше Жан-Франсуа Рапен, претседател на Комисијата за европски прашања.

„Поддршката и пријателството од еден од моторите на Унијата токму во овој одлучувачки период за нашата европска иднина е потврдена. Северна Македонија ѝ припаѓа на Европа не само географски, ние сме дел и од планот за нејзината подобра иднина“, изјави Димитров.

Зборувајќи за актуелните случувања во нашиот регион и пошироко, вицепремиерот Димитров и француските сенатори констатираа дека Северна Македонија претставува една од најдобрите шанси за пробив во регионот, пример кој ќе покаже дека преговарачкиот процес може да успее.

„На Франција и на ЕУ ѝ се потребни партнери што се залагаат за стабилност, добрососедски односи и регионална соработка. Позитивната траекторија на Северна Македонија не само што може да претставува поттик за другите туку е и своевиден гарант на стабилност“, порача Димитров.

На сесијата во францускиот Сенат учествуваа претседателката на групата за пријателство Франција – Западен Балкан, Марта де Сидрак и претседателот на групата за пријателство Франција – Северна Македонија, Арно Базен.