18.8 C
Скопје
15. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Се одложуваат судењата на Јанакиески

Одложено е утрешното рочиште за предметот ТНТ, во кој обвинет е поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, бидејќи тој се наоѓа во самоизолација по контакт со заразено лице со Ковид-19, соопшти Кривичниот суд.

„Поради интерес на медиумите и невладините организации, кои ја следат главната расправа за предметот со КОК бр. 57/17 од Обвинителството означен како ТНТ, Основниот кривичен суд Скопје ја информира јавноста дека до судот е доставено известување од обвинетиот М. Ј., според кое тој со решение на здравствените власти е задолжен со домашна изолација поради контакт со заразен од Ковид-19.

Поради тоа, утрешната расправа за предметот ТНТ се одлага, а следното продолжение на расправата е насрочено на 4.11.2020 година во 10 часот за што веќе се известени странките во постапката“, се вели во соопштението од судот.

Јанакиески денеска не се појави ниту на судењето за предметот „Траекторија“. Случајот „Траекторија“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Горан Бошевски, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова. Во оваа афера обвинети се Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на ЈП „Државни патишта“, Љупчо Георгиевски, како и против поранешниот премиер Никола Груевски.

Јанакиески е обвинет и во „Талир“, „Титаник“, „Топлик“, „Шпански скали“, а првостепено е осуден за „Шамарите во Центар“. Од Обвинителството велат дека и покрај тоа што Јанакиески е во самоизолација, во ниту еден од предметите набргу не му застарува делото по кое тој е обвинет.