22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Пендаровски: Научните аргументи и вистината за јазикот се на наша страна и од нив никој разумен не може да се откаже

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на манифестацијата Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Овогодишниот настан се одржува во чест на одбележувањето на 75 години од официјализирањето на современиот македонски јазик, азбука и правопис. Истакнувајќи дека македонскиот јазик е стандардизиран веќе седум и пол децении, претседателот Пендаровски потенцираше дека за жал и денес „сè уште сме предизвикани да го докажуваме ноторниот факт за неговата посебност и постоење“.

„На 5 мај 1945 година беше озаконета македонската азбука, а на 7 јуни беше издадена и првата читанка, буквар на македонски јазик. Токму оваа значајна годишнина ја одбравте како тема на отворените денови на Институтот за македонски јазик ‘Крсте Мисирков’, во кои покрај останатите содржини централно место зазема значајната меѓународна конференција со наслов „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања (дома и надвор)“. Чинот на официјализирање и стандардизирањето на македонскиот јазик има своја долга предисторија во активностите и во делата на Ѓорѓија Пулевски, Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Партениј Зографски и на други бројни културни дејци од 19 век за да кулминира со дејноста на Мисирков. Затоа, и не случајно и Институтот за македонски јазик го носи неговото име. Секако, процесот немаше да биде завршен ако не беше Народноослободителната војна, ослободувањето од фашизмот и формирањето на македонската република како рамноправна федерална единица во тогашната Југославија“, рече Пендаровски.

„За жал, додаде тој, и покрај тоа што поминаа 7 и пол децении од стандардизирањето на македонскиот јазик и откако неговото постоење, во меѓувреме, беше потврдено од светската лингвистичка наука, ние сè уште сме предизвикани да го докажуваме ноторниот факт за неговата посебност и постоење. Интересно е дека негирањето не доаѓа од релевантни, светски лингвистички авторитети и институти кои за тоа прашање се имаат одамна произнесено, туку од одредени, најчесто политичко-академски кругови од нашето непосредно опкружување“.

„Без намера да ја оптоварувам денешната свеченост со дневнополитичка реторика, нешто што е директно спротивно на поводот за кој сме собрани, сакам само ќе нагласам дека научните аргументи и вистината се на наша страна и од нив никој разумен не може да се откаже. Заради нашите предци, заради нас самите, заради обврската да ја зачуваме нашата духовна татковина како што на времето се изрази за нашиот јазик големиот Блаже Конески. Токму Конески со своите капитални трудови меѓу кои Граматиката на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик постави цврсти темели за сите натамошни македонистички проучувања.

Надоврзувајќи се на неговото дело и почитувајќи ги тие длабоко ископани темели, ве замолувам со уште поголема страст да продолжите со вашата научна работа и напори за проучување и афирмирање на македонскиот јазик. Во оваа пригода би сакал гласно да ја реафирмирам потребата од засилена и континуирана поддршка на научните истражувања за македонскиот јазик и за македонските дијалекти. За таа цел, сите релевантни институции и фактори во државата мора да се вложат себеси многу повеќе од порано. Поради кратењата во буџетот кои поради пандемијата, годинава се алармантни, се намалуваат средствата предвидени за научни и образовни установи, со што се оневозможува научната работа и се стопираат научните проекти. Сакам јавно да повикам, да апелирам да се посвети особено внимание на овие прашања и покрај сериозната економска криза, да се изнајдат средства и да се поддржат сите научно- истражувачки проекти. Убеден сум дека македонската наука има уште многу што да каже, впрочем, како и бројните слависти-македонисти низ светот“, рече тој.