22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Заев: Се бориме да извлечеме од сиромаштијата што поголем број семејства

„Сиромаштијата е една од најтешките состојби за кое било општество. Вие граѓаните најдобро знаете дека не само зборот, туку и делата за искоренување на сиромаштијата се нашиот секојдневен мотив. И не само на Светскиот ден на борбата против сиромаштијата, туку секој ден. И не само заради социјалдемократските вредности, туку заради човечноста“, изјави премиерот Зоран Заев по повод Светскиот ден на борба против сиромаштијата.

„Делата во изминативе години ги насочивме кон подигнување на животниот стадард и намалување на трошоците за граѓаните а со тоа и стапката на сиромаштијата. Минималната плата ја зголемивме на 14.500 денари, односно дури за 5.500 денари повеќе од минимумот кој дотогаш го примаа текстилците, кожарите, чевларите за својот тежок труд.

Социјалната реформа направи пресврт во начинот на кој државата се грижи за социјално-ранливите, и го подобри животот на околу 300.000 граѓани. Социјалната помош се зголеми и до 300 отсто. За три пати е зголемен опфатот на деца кои добиваат детски и образовен додаток. Денес над 22 илјади дечиња ги користат детските мерки со што ги извлекуваме од синџирот на детската сиромаштија. Државата не ги заборави и не ги остави на цедило и стечајците, за кои обезбедивме месечен надоместок, исто како што обезбедивме државна пензија за оние кои не ги исполнуваа условите за редовна пензија. Тоа се дела кои докажуваат дека се грижиме за сите“, вели тој.

Според него, низ укинување на радиодифузната такса, воведување на евтина дневна тарифа на струјата, намалување на сметките за парно, а некаде и намалување на цената на водата за пиење, влијаеме врз домашните заштеди кои се одразуваат во сиромаштијата.

Драги граѓани. Посветен сум на трајно извлекување од сиромаштија на што е можно поголем број семејства. Заедно со целиот владин тим работиме на тоа. Тоа го забележувате и во борбата со кризата предизвикана од коронавирусот.

„Нашето внимание е целосно насочено кон зачувување на работните места, и кон поддршка за социјално ранливите како што се стечајците, пензионерите и невработените. Платежни картички со износ од 6.000 денари добиваат самохрани родители, пензионерите со пензии до 15.000 денари и невработените. Тоа се над 85 000 семејства кои ќе си обезедат домашни потреби. Во кризата се познава грижата, а ние не дозволуваме никој да остане незгрижен. Борбата со сиромаштијата е заедничка, и заедно ќе ја водиме, се додека не обезбедиме подобар живот за сите“, додава Заев.