17.8 C
Скопје
21. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

„Таргет-Тврдина“ одложено за 3 ноември поради позитивниот тест на Мијалков

Судењето за предметот „Таргет-Тврдина“ е одложено за 3 ноември, поради отсуство на обвинетиот Сашо Мијалков кој е позитивен на коронавирус.

Бранителот на Мијалков, Љупчо Шврговски до судот го достави позитивниот тест и терапијата која му е препишана.

Пред два дена, рочиштето за овој предмет беше одложено откако Мијалков развил симптоми на болеста. Подоцна тој во објава на социјалните мрежи ја потврди информацијата коментирајќи ова е борба со непознат непријател, но нема предавање.

„Максимално се трудев да ги почитувам мерките и препораките на експертите, но, за жал, добив резултат кој вели дека сум позитивен на Ковид 19“, напиша Мијалков.

Во предметот „Таргет-Тврдина“, покрај Милајков, обвинети се и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, Никола Бошкоски, како и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.