Заштитата на јавното здравје во време на пандемија на коронавирусот е врвен приоритет, порача владејачката партија.
Оттука, потсетуваат дека растот на бројот на заразени зависи од доследно почитување на мерките за лична заштита и здравствените ковид-протоколи.
СДСМ нагласува дека со оглед на сериозната состојба со трендот на раст на инфицирани, нема да има толеранција за прекршителите на мерките, ниту толеранција за оние што свесно, преку погазување на протоколите и мерките, предизвикуваат ширење на коронавирусот.
„Ова е заедничка борба на сите граѓани и сите без исклучок, мора строго да ги почитуваме мерките за заштита на личното и јавното здравје – носење маска, одржување дистанца и редовна дезинфекција. Да се обединеме и да се поддржиме меѓусебно, битката против невидливиот непријател мораме да ја водиме сите заедно, почитувањето на мерките е оружјето со кое ние, секој еден од нас, може да даде свој придонес во таа борба“, велат од СДСМ.
Во партиското соопштение се додава и дека со новите овластувања инспекциските служби за справување со прекршителите на ковид-протоколите може на самото место да изречат привремена забрана за вршење на дејноста од 10 до 30 дена на правните субјекти.