Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение за лице поради 4 кражби.
Кражбите биле извршени во периодот од март до октомври, а Обвинителството бара продолжување на притворот поради опасност од бегство.
На 12 март во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје, со провалување во затворени простории, обвинетиот одзел 15.000 денари од продавницата за свеќи.
На 8 јули, заедно со друго непознато лице, пресретнал еден оштетен во Градскиот трговски центар и му побарал пари. Кога оштетениот им дал пари, а остатокот го вратил во џебот, обвинетиот го фатил за раката и му ги одзел и преостанатите 1.000 денари.
На 24 септември, на Зелен пазар, обвинетиот се обидел на дрзок начин да одземе предмет – златно синџирче. Заедно со уште едно непознато лице на оштетената ѝ пришол зад грб, па почнале да ја тегнат за вратот и блузата со намера да ѝ го земат синџирчето, но таа успеала да се оттргне.
На 5 октомври во маркет на булеварот Партизански одреди обвинетиот се обидел да одземе пари од дневниот промет. Кога влегол во маркетот, ја забележал вработената ако реди стока на еден од рафтовите, а тој се упатил кон касата за да ги земе парите. При обидот бил забележан од вработената, која почнала да вика, па обвинетиот го напуштил маркетот без да ја реализира намерата.