Centar.mk
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Самостојноста и самотијата не одат рака под рака – Денеска, 29 години од прогласување на самојстојноста, татковината има најмногу пријатели!

Во изминатиов период поради мерките сите се свртевме повеќе кон домот, а со тоа и кон себеси и најблиските. И со тоа преиспитавме многу свои ставови и чувства, изјави премиерот Зоран Заев на денешното одбележување на денот на независноста.

– И јас, како и сите говорници во видеото, се запрашав што ми значи Денот на независноста, химната, што ми значи слободата.
Добро го паметам 8 септември 91-та, Денот на референдумот за независноста. Засекогаш ми се врежани во глава сликите од прославата на Плоштадот Македонија и зборовите со кои претседателот Глигоров ни ја честиташе државата. И татнежот на македонската химна. Најубавата химна на светот, вели Заев.

Пред 29 години, на 8 септември, граѓаните на Република Македонија, на сите идни поколенија на оваа земја, им го дадоа најголемиот подарок – Независноста на државата.

Сонот на сите претходни генерации за независна и слободна држава се исполни.

Стремежот за независна држава е вековниот идеал во македонската историја. Идеал, кој за многу генерации беше само мечта. Пред речиси три децении, после 46 години државност во рамките на сојузот на поранешните југословенски држави, на 8 септември 1991 година независноста на нашата држава стана реалност.

Токму нам, на сегашните генерации ни припадна привилегијата, но и одговорноста да ја освоиме независноста и да ја зачуваме и развиваме македонската држава, затоа што државата и општеството се независни и слободни толку колку што е независен и слободен секој граѓанин на Северна Македонија.

Крушевска република беше временски краткотрајна, но со трајни историски вредности и наследство. Народна, а потоа и Социјалистичка Република Македонија, беа круната на вековниот процес за создавањето на македонска државност. Сите големи и преломни историски процеси и настани на нашата државност и независност беа проследени со борба за слобода, правда, еднаквост и солидарност. А оваа борба против сите форми на репресии, неправди и против фашизмот, е во темелот на македонската државност.

Како држава која е создадена со праведна борба, како држава која достоинствено и без насилство ја освои и својата независност и низ годините успеа да остане на демократскиот пат, нашата земја се стекна со посебен углед во светот и се стекна со доверба за да биде посакуван стратешки партнер на најголемите земји од западно-европскиот демократски цивилизациски круг.

Самостојноста и самотијата не одат рака под рака. Денеска, 29 години од прогласување на самојстојноста, татковината има најмногу пријатели!
Благодарение на тоа, годинава со кренати чела, СЛОБОДНИ И ОТВОРЕНИ КОН СВЕТОТ, ЈА СЛАВИМЕ НЕЗАВИСНОСТА, рече Заев.

Можеби ќе ве интересира

(фото) Санкциониран штипјанец кој управувал возило со брзина констатирана од полициски пресретнувач од 105 км на час во населено место

ДЕСК

Малолетник со пиштол се заканувал кон врсник поради девојка – полицијата го одзеде пиштолот во кој имало еден куршум

ДЕСК

Лишени од слобода девет возачи за безобѕирно управување возило, шест од нив возеле без дозвола, меѓу кои и еден малолетник

ДЕСК