22.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Ќе се фокусираме на предлози што значат борба против криминалот и корупцијата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека неговата партија ќе биде фокусирана да состави парламентарно мнозинство и да ја состави новата влада. Тој во своето обраќање посочи дека ќе има преговори со сите албански, но и со македонските партии. Мицкоски додаде дека што и да се случи, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат фокусирани на сите предлози за борба против криминалот и корупцијата.

„ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период и во периодот што е пред нас ќе биде силно фокусирана на формирање ново парламентарно мнозинство, кое ќе поддржи влада што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, влада што вистински ќе се справи со предизвиците, а не влада што ќе фингира справување и од предизвиците ќе создава уште поголеми предизвици, само да може одговорноста да ја префрли на друг. Но, што и да се случи, во преговорите што ќе ги води ВМРО-ДПМНЕ и што ги водеше во деновите пред нас, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои ќе бидат дел од овој парламентарен состав, ќе бидат фокусирани исклучиво на предлози што ќе значат вистинска борба против криминалот и корупцијата, нешто што претставува исклучителен предизвик за сите политичари бидејќи на овие избори граѓаните силно говореа дека довербата во политичките елити е на најниско ниво“, рече Мицкоски.

Тој во обраќањето рече дека со Заев се согласува само во делот дека државата треба да има влада што ќе биде стабилна и да трае четири години.

„Се согласувам дека се потребни четири години стабилна влада, која ќе биде реформски ориентирана, влада што ќе нема луѓе зад кои ќе има многубројни коруптивни афери, луѓе што во минатото видовме како посегнуваат по мито и корупција, луѓе што се аболирани за сторен криминал. Да, се согласувам со господинот Заев во една работа, дека е потребна влада во која ќе партиципираат луѓе што нема да бидат обременети со криминал и афери од минатото нивно политичко дејствување, туку вистинска четиригодишна влада, која ќе ги спроведе сите оние реформи што се неопходни, пред сè, реформите во судството, реформите во здравствениот систем“, додаде Мицкоски.

Спонзорирано: