24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Манчевски: Советничката на Стаменковска држи партиска прес-конференција во работно време

Министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски преку Фејсбук статус реагираше на вчерашната партиска прес-конференција во работно време на советничката на заменик-министерката, Невенка Стаменковска Стојковски, Марија Петрушевска, која е вработена во МИОА.

Според него, таа на тој начин го прекршила Законот за вработени во јавен сектор, каде јасно се забранети секаков вид на политички дејствување во работно време.

„Деполитизацијата и професионализацијата на јавниот сектор се само декларативни заложби на ВМРО ДПМНЕ, додека во реалноста се однесуваат сосема поинаку. Оваа партија продолжува да не прави разлика помеѓу државата и партијата. Во текот на три години владеење на СДСМ, ниту еднаш и ниту еден функционер не си дозволил вакво нешто. Добро е што функционерите на ВМРО ДПМНЕ често не потсетуваат на начинот на кој размислуваат и се однесуваат.

Граѓаните се свесни за разликата во принципот на работа и почитувањето на етичкиот кодекс и тоа го покажаа и на изборите.

Државата продолжува да чекори стабилно напред по евро-атлантскиот пат“, напиша Манчевски.

Марија Петрушевска, која е и претседателка на ОК ВМРО-ДПМНЕ Петровец, вчера соопшти дека со новиот статут на партијата, ВМРО-ДПМНЕ врти нов лист и со него се гарантира родовата еднаквост помеѓу жените и мажите.