Никола Груевски повеќе нема да биде почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Ваква одлука донесе Централниот комитет на партијата на состанокот синоќа. Беа усвоени статутарни измени со кои освен прашањето за почесен претседател се уредуваат и други. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ќе може да биде претседател само два мандати на регуларен избор, евентуално би можел да добие и трет мандат, но само доколку биде поддржан од две третини од телата коишто го бираат.
„Во однос на почесни членови и почесни претседатели овој статут на ВМРО-ДПМНЕ такво нешто не предвидува односно ниту Никола Груевски, ниту било кој друг поранешен почесен претседател повеќе согласно овој статут не се почесни претседатели. Такво нешто статутот не предвидува – рече Панче Тошковски, претседател на статутарната комисија при ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно за почесен претседател беше назначен и Љубчо Георгиевски.
Воедно новиот Статут предвидува и Унија на ветерани, како и форум на интелектуалци на партијата.