Пред нас во среда се важни избори на кои секој од нас треба да каже во кој правец кој ќе се движи нашата земја, порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев
Тој вели дека понудените опции се оптимизам, надеж и шанса од едната страна, а од другата мрак, црнила и недоличен хумор.
„Тоа е разликата – од едната страна достоинствена кампања, со сите мерки на заштита од Ковид, од другата страна опасна кампања – со сите прекршувања на мерките и сите лоши зборови кои ги чувме од нивна страна. На 15 јули одлучуваме дали ќе растат платите на граѓаните, или ќе се полнат џебовите на луѓето на Груевски. Изборот е едноставен, но работата не е однапред завршена. Дали ќе одиме напред зависи од секој од нас, од секој од вас. На овие избори гласот за СДСМ е глас за сигурност, гласот за ВМРО-ДПМНЕ е глас за враќање назад, за опасност од нов режим“, рече Заев.
Тој го побара гласаот на граѓаните за нов мандат со цел, како што вели, да ги продолжат добрите политики.
„За да продолжиме напред уште побрзо. Да не ја испуштиме шансата што заедно ја создадовме за нашата татковина. Во среда, на 15 јули да гласаме за да продолжиме напред кон развој, кон интеграција, кон економски раст и повеќе пари за сите… и конечно кон правда“, додаде Заев.