„Во секое општество, во секоја држава напредокот и развојот во голема мера зависат од младината, од младинската енергија и младинските политики. Колку се младите поактивни, помотивирани и поуспешни толку на државата ѝ оди подобро и побрзо се развива. 11 години не беше лесно да се биде млад човек во нашата земја. 11 години младите и овде во Велес и низ целата држава беа запоставени, манипулирани, без шанси за успех. Оние кои немаа избор заминаа надвор од своите градови, надвор од својата татковина“, изјави Зоран Заев, претседател на СДСМ и носител на ИЕ 4.
„Но, многу од оние кои останаа овде решија да се борат. Се вклучија во борбата со режимот, го вложија својот младешки дух и енергија и беа предводници во процесот кој донесе промени. Заедно со младите го победивме режимот и заедно со младите почнавме да го трасираме патот кон подобра иднина за сите. Процесот не беше лесен, ситуацијата не ветуваше многу, но секогаш се потпиравме на одлучноста и енергичноста на младите и почнавме да правиме пресврт на подобро.
Во 2017, кога ја презедовме важната улога да ја водиме државата, нè дочека младинска невработеност од 48,6 отсто една од највисоките во Европа. Во превод, без работа беше секој втор млад човек до 29 години. Тоа за нас беше аларм за брзи и коренити промени во политиките кон младите. Започнавме со реализација на сериозни и издржани мерки и политики кои доведоа до зголемување на вработување на младите“, рече Заев.
Според него, преку оперативниот план за активни мерки за вработување, поддршката преку Фондот за иновации и технолошки развој, поддршката за вработувања на млади, успеавме значително да ја намалиме младинската невработеност.
„Денес, таа изнесува 35,3 отсто и е во постојан тренд на опаѓање. Денес младите во Северна Македонија својата шанса ја гледаат овде, а не некаде низ светот. Тоа за нас е обврска да продолжиме уште повеќе и уште подобро да се грижиме за нашата младина, за нашата иднина. Затоа, денеска пред младите се обврзуваме на нови решенија, решенија за иднината кои обезбедуваат услови секој млад човек тука да ја гледа својата шанса за успех.
Преку конкретни, ефикасни, структурни мерки и политики, се обврзуваме стапката на младинска невработеност до 2024 година да ја донесеме под 17 %. Тоа е речиси двојно пониска младинска невработеност од денес. За таа цел Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за оваа година продолжува со рекорден буџет за 2020 година од 1,3 милијарди денари и тој буџет ќе продолжи да расте. Обезбедуваме директна поддршка на младинското и женското претприемништво преку грантови во висина од 5.000 до 15.000 евра неповратни средства за почнување сопствен бизнис. Обезбедуваме поврат на персонален данок за сите нововработени до 29 години во првите две години од работењето. Ова се пари кои одат директно на сметките на младите, односно повисоки плати за 10% веднаш“, додаде Заев.
Тој истална дека поранешното „Македонско село“ кое е во државна сопственост, го трансформираа во „Стартап-село“ („Start-Up Village“) кое ќе нуди физички простор за живеење и работа на млади луѓе со почнат или бизнис во подготовка.
„Мерката за 3.000 денари месечен младински додаток во производството за вработени млади лица до 23 години со завршено најмалку средно образование продолжува и понатаму. Ова се само дел од мерките и проектите од нашата понуда во програмата. Ова е економски патриотизам на дело, затоа што денес, во 21 век, во време на динамичен развој и зголемена мобилност, вистински патриотизам е да ги задржиш младите дома, дома да создаваат и работат, дома да градат кариера, семејства и индина. Од друга странам, ВМРО-ДПМНЕ покажаа дека не знаат економија, знаат само да земаат од граѓаните, да ги бркаат младите надвор од државата како што го правеа тоа цели 11 години.
Но, младите тоа нема да го дозволат. Младите ќе одберат работа, повисоки плати и европски стандарди дома. Ќе одберат напредокот да продолжи уште повеќе и уште подобро. Затоа што знаат дека заедно можеме. Тоа е нашата понуда и порака до младите: Останете дома, зграпчете ги шансите, заедно да се бориме, бидете дел од трансформацијата на нашата економија, бидете дел од европеизацијата на нашата татковина. По 15 јули заедно продолжуваме да градиме држава партнер на младите, да градиме економија кој носи шанса за сите, а особено за младите“, истакна Заев.