4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Ромите ДОАЃААТ по она што им следува

Автор: Акиф Кариман – транснационален тим за поддршка на структурите за организирање на заедницата

Да, ДОАЃАМЕ за правична застапеност, ДОАЃАМЕ за повеќе капитални инвестиции во маала и населби во кои живеат и Роми, ДОАЃАМЕ за иста стартна позиција на Ромите со останатите затоа што од моментот кога ќе го постигнеме тоа ќе можеме да кажеме дека „Светот е поле за културен натпревар меѓу народите“. ДОАЃАМЕ да придонесеме не само за Ромите, туку за просперитетот на нашата татковина и унапредување на демократијата во нашето општество.

Движењето АВАЈА го основавме врз база на три главни принципи и верувања:

МОЌ– за проблемите на заедницата постојат решенија, и истата треба да изгради доволно колективна моќ во односите со институциите за решавање на истите;

ЗАЕДНИЧКА ВИЗИЈА– креативно користење на ресурсите и градење на моќта која е потребна за да постигнеме промени во легислатива, буџет и општествени норми;

РАЗВОЈ НА ЛИДЕРСТВО– водството и промените не зависат од еден или двајца харизматични лидери, туку од колективниот капацитет и меѓузависното делување.

Во услови кога државниот апарат е ригиден и тешко се отвора за промени, можеме да кажеме дека се наоѓаме во ситуација како овчарот Давид против џинот Голијат, и мора да бидеме мудри, креативни и неконвенционални во нашето делување. Од досегашното искуство и случувања, сфативме дека најголем интерес за Ромите има во периодот околу избори. Следствено на тоа, можеме да заклучиме дека организирањето на заедницата околу нивните приоритети ни дава поголема можност да влијаеме на извлекување на заложби од страна на претендентите за моќ и потоа истите да ги држиме одговорни за исполнување на она што го ветуваат како промени на политичко ниво, буџет и учество во носењето на одлуки.

АВАЈА своето кампањско делување го сведува на тим кој истражува, анализира и подготвува аргументи и факти за промените за кои се залагаме, тим кој комуницира со јавноста и поддржувачите, тим кој застапува пред носителите на одлуки и тим кој директно ја вклучува заедницата во носењето одлуки за она што го застапуваме и го развива лидерството во истата. Постојано се стремиме на унапредување на овој модел бидејќи веруваме дека тоа е рецептот за подобро утре на Ромите.

Имено, во период пред избори преку нашите структури организираме серии на дијалози и консултации со заедницата околу нивните приоритети, овозможуваме простор за креативно размислување и потоа соочување на претставници на институциите со самата заедница за да се слушнат проблемите и да се најде решение за истите. По изборите се следи имплементацијата на ветеното и повторно преку иницијативи и поддршка на заедницата се одржува креативна тензија за исполнување на заложбите преку влијание врз одлуките на институциите на локално и национално ниво.

АВАЈА како движење ги обединува Ромите од населба Транзит во Струмица до Брсјачка Буна во Шуто Оризари, од населба Пруга во Тетово до ромското маало на ул. Прохор Пчињски во Берово, АВАЈА ги обединува 100 активисти од 17 општини ширум Република Северна Македонија и над 10.000 полнолетни Роми како поддршка дадена на петицијата која ја спроведувавме во 2019 година во пресрет на Претседателските избори. Исто така, АВАЈА е дел од транснационалното движење на Ромите кое во моментов брои и спојува национални движења во 12 држави ширум Европа, над 1200 активисти во структурите и над 150.000 поддржувачи.

Ние ДОАЃАМЕ затоа што дојдено е времето нашата заедница конечно да почувствува подобрување во нивниот секојдневен живот, ДОАЃАМЕ затоа што сме подготвени да ја преземеме обврската и одговорноста за развој на лидерство и самоиницијативност меѓу народот, ДОАЃАМЕ затоа што сакаме да ги искористиме нашите капацитети и знаење во водењето на државата кон инклузивно и мултикултурно општество.