Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Крадци во Скопје ги напаѓале жртвите и им се заканувале со воздушен пиштол

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе oбвинителен акт против едно лице за разбојништво од член 237 став 1 и разбојничка кражба од член 238 став 1 од Кривичниот законик. Против него и негова соизвршителка е поднесен и обвинителен предлог за кражба од член 235 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Обвинетиот на 11 мај, во влезот на станбена зграда на улицата „Радика“, со употреба на закана дека ќе ја нападне, на оштетената и одзел ранец во кој имало пари и други предмети во вкупна вредност од 26.600 денари. Тој влегол во влезот на зградата по оштетената и и се заканил со пиштол наменет за исфрлање синтетички топчиња под дејство на компромитиран воздух.

Тој побарал таа да му ги даде сите предмети кои ги имала кај себе, а потоа и го побарал и клучевите од станот и од возилото. Кога се спротивставила, на сила и ги одзел клучевите и го напуштил местото.

На 15 мај, пред влезот на станбена зграда на улицата „Варшавска“, обвинетиот заедно со неговата помошничка забележале жена како стои со количка за бебе и дека лифтот во зградата се сервисира. И понудиле да и помогнат и да и ја качат количката до катот каде што живее.

Оштетената ја прифатила понудата и се качиле на третиот кат. Кога таа започнала да ја отклучува вратата од станот, забележала дека и го нема мобилниот телефон кој се наоѓал во количката и веднаш се упатила кон обвинетиот кој тргнал да си оди, барајќи да и го врати телефонот. Затечен во кражба, тој започнал да ја турка и да ја удира во ѕидовите од влезот, а во еден момент го извадил и пиштолот за исфрлање синтетички топчиња. Притоа се заканил дека ќе ги убие и оштетената и нејзината малолетна ќерка која за цело време ја држела во рацете. По ова побарал да ја отвори влезната врата од станот и да му ги даде сите предмети кои што се вредни, но оштетената се спротивставила и започнала да вика. Тогаш излегле соседите од нејзиниот кат, по што обвинетиот избегал од местото.

На 25 мај, пак, од стан на улицата „Драгиша Мишовиќ“, двајцата обвинети одзеле патики и чизми во вкупна вредност од 32.600 денари. Со оштетениот се познавале од претходно, па додека првообвинетиот разговарал со него за да му го одвлече вниманието, второобвинетата останала во ходникот и ги одзела предметите со намера противправно да ги присвои. Надлежниот јавен обвинител со Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за првообвинетиот, бидејќи постои опасност од бегство и можност тој да ги повтори делата што му се ставаат на товар.​

Можеби ќе ве интересира

Обвинителството оформи предмет по допрен глас за наводите за транспорт на мозоци од починати лица во САД

ДЕСК

СДСМ: Молкот за дрогата од 5 тони е потврда дека скандалот оди до врвот на власта

ДЕСК

Во месец јануари 15.943 сообраќајни прекршоци, лишени од слобода 74 лица за безобѕирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик

ДЕСК