СДСМ го користи буџетот на општина Струмица за раздавање тендери на луѓе блиски до Заев, истакна на денешната прес-конференција Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што рече тој, Заев и неговите наследници градоначалници на Струмица само на семејната фирма на Цветанка Иванова, „Дикор“ ЦД ДООЕЛ, дале над 1 милион евра, односно преку 70 тендери од буџетот на општина Струмица.
„Бидејќи бев вчера прозван од градоначалникот на Струмица, ова што денес ќе го приложам пред медиумите се документите извадени од страницата на Бирото за јавни набавки од коишто јасно се гледа дека фирмата ‘Дикор’ ЦД ДООЕЛ, која што е сопственост на синот на Цветанка Иванова, а претходно на нејзиниот сопруг, од општина Струмица, во период од 2009 година до денес испумпала над милион евра“, кажа претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека синот на Иванова, Зоран Иванов, кој е сопственик на „Дикор“ ЦД ДООЕЛ, е исто така косопственик на „Омни градба“, заедно со Трајче Заев.
„Додека обичните фирми требало да платат рекет за да добијат каква било работа, државна или општинска, бизнис-партнерите на Заеви нижеле милиони преку јавни набавки, и од обични административци, соработниците на Заев Заев станале милионери со доделување набавки без тендери на нивните семејни фирми“, обвини Ѓорѓиевски и додаде дека времето во кое СДСМ го користел буџетот за полнење на сметките на фирмите на бизнис-партнери на Заеви, наскоро завршува.