8.8 C
Скопје
5. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Кампањата за изборите почнува на 24 јуни

На 24 јуни, по новата вонредна состојба што ја прогласи претседателот Стево Пендаровски, ќе почне кампањата за изборите што ќе се одржат на 15 јули.

Според уредбата со законска сила што ја донесе Владата синоќа на седница, гласањето на 15 јули почнува во 7 часот и трае непрекинато до 21 часот.

Со уредбата е утврдено дека Државната изборна комисија во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила објавува на својата веб-страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија согласно одредбите на Изборниот законик и оваа уредба со законска сила.

Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, Државната изборна комисија и Државниот завод за статистика се должни да ги продолжат дејствијата за ажурирање на избирачкиот список прекинати на 21 март 2020 година, од моментот на нивниот прекин, согласно одредбите на оваа уредба.

Државната изборна комисија изборниот материјал го предава на општинските изборни комисии најдоцна во рок од 96 часа пред денот на одржување на изборите.

На 13 јули 2020 година гласаат лицата кои се во домашен карантин поради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат. Во општините во кои гласаат лицата, во зависност од нивниот број, Државната изборна комисија формира еден или повеќе посебни избирачки одбори составени од тројца здравствени работници кои го спроведуваат гласањето на лицата, при што политичките партии имаат право да именуваат член во посебниот избирачки одбор.

На 14 јули 2020 година гласаат немоќни и болни лица, како и хронично болните лица и останатите лица кои согласно Изборниот законик гласаат еден ден пред одржувањето на изборите.

Уредбата исто определува дека за време на изборната кампања радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно 14 минути дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма исклучиво наменети за платено политичко рекламирање, од кои за двете најголеми политички партии од власта кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија освоиле најмногу гласови можат да се одвојат најмногу шест минути, за двете најголеми партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија освоиле најмногу гласови можат да се одвојат најмногу шест минути, за политичките партии во Собранието на Република Северна Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Северна Македонија и за независни кандидати можат да се одвојат најмногу две минути.

Се задолжува Министерството за здравство, според утврдените протоколи од Комисијата за заразни болести, за потребите на изборите, а по добиени податоци од Државната изборна комисија, да обезбеди заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место.

Спонзорирано: