Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Спасовски: Ситуацијата е стабилна зашто се познати кластерите од кои произлезе повисокиот број новозаразени, а повиците за разрешување, или вклучување на нови членови во Комисијата за заразни болести го сметам за политиканство кое нема да донесе ништо добро

„Тоа што ВМРО-ДПМНЕ започна да бара разрешување, или вклучување на нови членови во Комисијата за заразни болести го сметам за политиканство кое нема никаква основа, ниту рационалност и нема да донесе ништо добро“, ја оцени оваа иницијатива претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски во интервју за ТВ 24.

Премиерот Спасовски истакна дека Комисијата за заразни болести е составена од врвни професионалци, стручни луѓе кои ги согледуваат на научна основа сите состојби и предлагаат протоколи или други мерки, врз основа на кои Владата донесува политики во интерес на ефикасно справување со пандемијата од КОВИД-19.

Тој додаде дека политизирањето на било кој дел од здравствениот систем нема да донесе ништо добро и дека тоа е резултат на политиканство кое што се засилува периодот на предизборие што сака да го наметне опозицијата без да има аргументи за тоа.

„Ситуацијата со коронавирусот е стабилна и во овие денови кога бројките на новозаразени е во пораст. Со кластерите од каде што доаѓа зголемувањето на бројот е воспоставена соработка со епидемиолошките служби и епидемиолошката слика сега многу појасна“, рече премиерот Спасовски и додаде дека ќе се следи и анализира ситуацијата врз основа на што ќе се носат одлуки дали ќе има потреба од дополнителни локални рестриктивни мерки.