Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Тасевски до началниците: Наместо да пишувате изјави, излезете на терен и спроведете ги мерките

Наместо да испраќате политички пораки, постапете професионално на дело, а не само со зборови, реагира директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски во изјава за www.novatv.mk, по реакциите на неколкумина началници на неговата изјава во која тој го критикуваше техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев за партиски притисок врз полцијата.

„Излезете на терен и заедно со полицајците спроведете ги мерките за заштита кои се од интерес на сите нас. Издигнете се над партиските повици и задржете го професионалниот, но пред се личниот интегритет и заштитете ги граѓаните од кои сите ние сме платени. Изминативе три години довербата во полицијата порасна и сега сме и најпотребни на државата и граѓаните, да не ги разочаруваме”, вели Тасевски за novatv.mk.

Началниците на СВР Скопје, СВР Штип, СВР Струмица и СВР Охрид, денеска со писмени изјави до медиумите застанаа на страната на Чулев и побараа извинување од директорот на БЈБ.