Не запираат инцидентите и хаотичните настани кои се случуваат низ земјава, а почнаа уште на стартот на годинава.
Само во изминатото деноноќие се случиле серија настани:
На 31.05.2020 во 21.08 часот во СВР Скопје, од Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив со повреди во неконтактибилна состојба бил донесен Е.Ј.(31) од Скопје. Дежурниот доктор констатирал дека повредениот се здобил со пет убодни рани во пределот на стомакот. Според добиените информации, Е.Ј. бил повреден во угостителски објект на ул.„Џон Кенеди“. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 01.06.2020 околу 01.00 часот во Полициската станица Куманово, М.Т.(28) од Куманово пријавил дека на 31.05.2020 околу 23.30 часот бил физички нападнат од неколку лица кои ги познава, при што бил прободен со остар предмет на левата рака. Според пријавеното, додека бил во возило „бмв“ со неговиот пријател М.Д. од Куманово во близина на угостителски објект на бул.„Октомвриска Револуција“, им се доближиле лицата и физички го нападнале М.Т., при што еден од нив со остар предмет му нанел убодна рана на левата надлактица. После тоа, тие заминале во болницата во Куманово каде му била укажана лекарска помош. Во врска со настанот приведени биле А:Р.(32), Д.А.(19), А.Г.(27), М.З.(30) и Д.П.(26), сите од Куманово. По целосно документирање на случајот, СВР Куманово ќе поднесе соодветна пријава.
На 30.05.2020 во 04.35 часот во Полициската станица Кисела Вода било пријавено дека во периодот од 22.00 часот на 29.05.2020 до 04.00 часот 30.05.2020 на паркинг на ул.„Трпе Петревски“ во Скопје настанал пожар во паркирано патничко возило „фиат пунто“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Г.Т.(37) од Скопје. Со пожарот било зафатено друго паркирано патничко возило „тојота аурис“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на С.Т.(52) од Скопје. Пожарот бил изгаснат од противпожарната единица од Скопје. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Скопје.
На 30.05.2020 околу 20.30 часот во СВР Битола, 29-годишна жителка на Прилеп пријавила дека слушнала пукање пред пекара на ул.„Јоска Јорданоски“. Полициски службеници излегле на местото и пронашле и подигнале една чаура од куршум од гасен пиштол. Во разговор со полициските службеници пријавителката истакнала дека, додека поминувала тука со членови од семејството, забележала паркирано возило спроти пекарата, а кога поминале слушнале два истрели од возилото. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.