Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Од утре субвенции за велосипеди и електрични тротинети за скопјани

Градот Скопје утре ќе ги објави јавните повици за доделување субвенции за велосипеди и електрични тротинети во 2020 година.

Новитет оваа година, како што соопштија градските власти, е што граѓаните ќе можат да доставуваат фискални сметки за купен велосипед или електричен тротинет од 1 јануари годинава. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход, и 30 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

Повиците ќе бидат отворени до 30 ноември оваа година или до реализирање на средствата, а ќе се спроведуваат по принципот „прв дојден прв услужен“. Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање на субвенција за купување на еден велосипед, а истото важи и за субвенција за електричен тротинет.

Барателот, како што соопшти Градот, треба да ги исполни следниве услови: да е жител на Град Скопје (во општините: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари), да нема искористено субвенција за купување на велосипед (важи за повикот за субвенции за велосипеди) или да нема искористено субвенција за купување на електричен тротинет (важи за повикот за субвенции за електрични тротинети) од Град Скопје, новиот велосипед или електричен тротинет да е купен или го купи во државата од 1 јануари годинава се до исцрпувањето на буџетот наменет за Јавниот повик, но не подоцна од 30 ноември оваа година.

Како што соопшти Град Скопје, за надоместување на дел од трошоците и докажување дека условите за учество на Јавните повици се исполнети, барателот до Град Скопје треба да достави: барање и изјава за субвенција за купување на еден велосипед.

Потребно е да се достави и барање и изјава за субвенција за купување на еден електричен тротинет, доказ за жителство во Град Скопје, со доставување копија на важечка лична карта на барателот, фотокопија од трансакциска сметка на барателот, изјава дека барателот досега нема искористено субвенција за купување на велосипед од Град Скопје (за повикот за субвенции за велосипеди), изјава дека барателот досега нема искористено субвенција за купување на електричен тротинет од Град Скопје (за повикот за субвенции за електрични тротинети).

Треба да се достаби и доказ дека е извршено купување на нов велосипед или електричен тротинет од Република Северна Македонија, и тоа со оригинал фискална сметка издадена во РС Македонија, со датум од 1 јануари годинава се до исцрпувањето на буџетот наменет за јавните повици, но не подоцна од 30 ноември годинава, при што задолжително е велосипедот или електричниот тротинет да е целосно отплатен и плаќањето на рати не се прифаќа.

Од Градот посочуваат дека барањето за надоместок на дел од трошоците за купување на велосипед или електричен тротинет, заедно со потребната документација, граѓаните во затворен плик ги доставуваат до соодветната Комисија, преку Архивата на Град Скопје, бул. Илинден бр.82, секој работен ден од 09 до 15:00 часот.

-Во Буџетот на Град Скопје за 2020 година за оваа намена се предвидени 10 милиони денари од кои 8,5 милиони денари ќе бидат наменети за велосипеди, а 1,5 милион денари за електрични тротинети. Согласно предвидените финансиски средства, Град Скопје оваа година ќе додели субвенции за околу 2800 велосипеди и околу 215 електрични тротинети, соопшти Град Скопје.

За 2018 и 2019 година, Град Скопје додели вкупно 7255 субвенции за граѓаните што купија велосипед и вкупно 313 субвенции за граѓаните што купија електричен тротинет.