Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Спасовски: Полицијата во некои сегменти, можеше и повеќе и подобро да ги спроведува мерките

фото Centar.mk/Arhiva

Премиерот Оливер Спасовски, на вечерашната прес конференција запрашан да ги сумира впечатоците за тоа како полицијата се справи со прекршителите на мерките изминатиот викенд а и општо во тримесечјето зад нас, рече дека генерално биле ревносни, но имало и моменти кога полицијата можела подобро да се справи. Тој одговорноста за ова ја лоцираше делумно и во надредените и претпоставените, кои некогаш на полицајците не им издале соодветни насоки.

-Полициските службеници, најголемиот дел од нив, многу ревносно си ги спроведуваа своите законски обврски, овластувања и допринесуваа и за заштита на здравјето и за заштита не безбедноста, мирот и јавниот ред во државата. Им оддавам признание зашто беа во првите борбени редови. Дали имало и такви кои не постапиле соодветно во одредени услови или уште попрецизно, дали има такви надредени и претпоставени над нив кои до крај не ги издале насоките како што треба да се реализираат овие мерки, секако дека има. Ако има такви граѓани кои до крај не ги почитуваат сите мерки, секако дека и во институциите има луѓе кои до крај не ги спроведувале мерките. Но не можеме да генерализираме за цела структура и за сите полициски службеници кои работат посветено, посочи Спасовски.

Тој додаде дека во одредени ситуации и сегменти, можело и подобро и можело и повеќе.

– Дали можеше подобро и повеќе во одредени сегменти, да можеше и подобро и повеќе. И мислам дека сега е моментот, кога го немаме полицискиот час полицијата да се посвети на употребата на носењето на заштитната опрема. Маските, одржувањето на растојанието, начинот на функционирањето на угостителските објекти, собирањето повеќе од двајца. Превентивно да работат повеќе, да укажуваат, да ги замолат навистина да ги почитуваат мерките и кај што е потребно да пишат казни, да постапуваат секојдневно и да постигнеме максимална посветеност во примената на заштитните мерки, апелираше премиерот.

Во однос на тоа дали ќе се отвори аеродромот, Спасовски рече дека тоа е во рамките на отворањето на граничните премини.

-Веќе дадовме задолжение Комисијата за заразни болести да направи соодветни протоколи и за влез и за излез од земјава и тогаш ќе ја носиме заедничката одлука кога ќе се отворат граничните премини и нашиот меѓународен аеродром и на аеродромот во Охрид, додаде Спасовски.