Во продолжение интегрално ја пренесуваме изјавата на Премиерот Оливер Спасовски на прес конференцијата во Влада.
Спасовски: Ја укинавме забраната за движење и другите рестриктивни мерки затоа што имаме контрола врз состојбата, заради стабилизирање на активните случаи, како и од увереноста дека здравствениот систем е подготвен да одговори на очекуваните тенденции
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, заедно со заменик претседателот задолжен за европски прашања и за координација на хуманитарната помош за справување со КОВИД-19, д-р Бујар Османи, министерот за здравство д-р Венко Филипче, и претседателот на Комисијата за заразни болести при Институтот за јавно здравје, д-р Жарко Караџовски, денеска одржаа прес-конференција на која ги соопштија и образложија одлуките за укинување на дел од рестриктивните мерки кои беа донесени за спречување на ширењето на коронавирусот и за справување во КОВИД-19.
Во продолжение Ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Спасовски во целост:
Почитувани граѓани,
Почитувани претставници на медиумите,
Би сакал да започнам со соопштување на серија на одлуки кои Владата ги донесе на попладневната седница.
Според анализите и препораките на Комисијата за заразни болести, можеме да констатираме врз основа на одредени исполнети услови и врз основа на анализите и препораките на Комисијата за заразни болести, Владата денеска донесе одлуки со кои престанува важењето на повеќе рестриктивните мерки:
– Од утре, 27 мај, целосно престанува важењето на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија;
– Од четврток, 28 мај отпочнуваат со работа угостителските објекти во Република Северна Македонија со прецизно утврден соодветен протокол за нивна работа во отворените делови, односно терасите на овие објекти, а работата во затворените делови и во објектите кои немаат тераси, ќе се регулира во наредната фаза;
– од 1 јуни 2020 година, ќе престанат да важат заклучоците на Владата со кои различни категории вработени лица се ослободени по различни основи од редовно и тековно извршување на работните активности, како што се упатување за работа од дома, патување за работа кон градот Скопје, организирање на работниот процес со ротации и другите слични мерки и препораки.
И оваа одлука ќе биде придружена со соодветен протокол за работа, дејствување и однесување на работно место кој се однесува на просторните услови, физичкото растојание во работните и другите простории, носењето лична заштитна опрема и така натаму;
Ова нема важи за хронично болните.
Отстапка од оваа одлука се и родителите кои имаат деца на возраст до 10 години или деца на претшколска возраст, за кои ќе се чека одлуката за отпочнување на работата на градинките.
Денеска го усвоивме и прецизниот протокол за постапување при влез на сите лица македонски државјани во земјата. Согласно овој протокол задолжителниот државен карантин на државјаните на Република Северна Македонија кои се враќаат од странство со хуманитарни летови или конвои, се заменува со домашна изолација доколку лицата кои влегуваат на територијата на Република Северна Македонија приложат ПЦР негативен тест за коронавирусот КОВИД-19 направен во последните 72 часа пред да влезат на територијата на Република Северна Македонија.
Од денеска, сите лица кои се спроведени во објектите за државен карантин, на свој трошок, можат да направат ПЦР тест во објектот во кој се сместени и доколку имаат негативен резултат да бидат упатени во домашна самоизолација.
На предлог на Министерството за надворешни работи, во соработка со Комисијата за заразни болести е подготвен протокол за странски дипломати акредитирани во земјата и членови на нивните семејства, кои доколку приложат медицинска потврда за негативен ПЦР тест направен во последните 72 часа пред да влезат во Република Северна Македонија, ќе можат непречено и тековно да ја извршува својата работа, без упатување во домашна самоизолација.
Освен овие одлуки, на денешната седница на Владата ја задолживме Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство да направи јасна и прецизна проценка за отворање на државните граници, како и да подготват соодветни протоколи за влез и излез на и од територија на Република Северна Македонија.
Сакам да напоменам дека оваа одлука ја правиме и врз основа на заедничката координација со земјите од регионот и со секоја од нив имаме одлична комуникација која најавува дека многу бргу патувањето во регионот ќе биде регулирано во интерес на граѓаните на сите земји.
Второто задолжение до Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство е да подготви соодветни протоколи за работа на хотелите, односно за начинот на работа со посетители, и за работата во простории на хотелите.
Зошто ги донесовме овие одлуки?
Сакам уште еднаш да го истакнам фактот дека македонското здравство реагираше соодветно и навремено и добро се справи со пандемијата со коронавирусот.
Јас постојано потенцирам дека сите одлуки на Владата се носат врз основа на стручните, научно засновани анализи и препораки на Комисијата за заразни болести.
И за денешните одлуки има две суштински причини кои произлегуваат од анализите и мислењето на Комисијата.
Прво: Состојбата со епидемијата на коронавирусот е под контрола. Бројот на активни случаи е стабилен.
Зголемениот број на новодијагностицирани изминатите денови е резултат на одредени непочитувања на рестриктивните мерки во претходната фаза, но најважно во врска со ова се јасните и нам познати кластери од каде доаѓа ова зголемување.
Во наредниот период ќе има нагласено внимание и фокусирана примена на меките мерки кон овие жаришта. Тоа е очекувано и здравството има капацитет да се справи со тоа.
Со тоа доаѓаме и до втората причина која ни дава за право да ги донесеме денешните одлуки. Капацитетите и знаењето на здравствените работници за овие три месеци во однос на коронавирусот, достигнаа високо стручно и професионално ниво и подготвеност и тоа ни дава за право да кажеме дека во овие услови здравствениот систем е поставен така да може успешно да одговори на очекуваните тенденции.
Благодарение на навремените и соодветни подготовки во здравствениот систем и на неговата поставеност наспроти епидемијата, успешно го амортизиравме првиот удар на епидемијата. Ја стабилизиравме состојбата и во ниту еден случај не се оптовари капацитетот на здравствениот систем.
Нагласувам уште еднаш: Вирусот е тука и нема да исчезне преку ноќ. Ќе биде присутен се додека не се стекне имунитет или не биде пронајдена вакцина.
Затоа од исклучително значење е граѓаните да се придржуваат до препораките и мерките на Владата, за неопходната физичка дистанца и носење заштитна опрема.
Да бидеме свесни дека сѐ уште може да се заразиме и затоа е потребно да ги почитуваме сите мерки за лична заштита. Да живееме со коронавирусот но на начин на којшто ќе бидеме заштитени, а со тоа ќе го заштитиме здравјето и на оние околу нас.
На тој начин се грижиме за нашето и за колективното здравје, но и директно им помагаме на здравствените работници, кои се во првата борбена линија со коронавирусот.
Секој од нас треба да им помогне со почитување на мерките за заштита, секој од нас е еднакво важен во битката со коронавирусот.
Оваа нова фаза на престанок на важење на рестриктивните мерки не значи никако дека коронавирусот е победен.
Само стручните луѓе од Комисијата за заразни болести, Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство можат да дадат веродостојна и научно заснована изјава дека коронавирусот е победен.
Треба да прифатиме дека пандемијата не е завршена, ниту се отстранети ризиците по здравјето на граѓаните од вирусот КОВИД-19.
Вирусот е присутен и е закана по секој еден граѓанин, а секое релативизирање или игнорирање на оваа зараза оди на директна штета на борбата против неа.
Граѓаните и медиумите за коронавирусот и натаму треба да се информираат од надлежните институции како Министерството за здравство и институциите кои се во рамки на Министерството.
Сега на сите ни е јасно дека преоѓаме во нова фаза, кога одиме кон нова нормалност на нашето живеење, и кон нашето ново секојдневие.
Тоа ново секојдневие не повикува и обврзува на уште поголема внимателност и посветеност при почитувањето на мерките.
Само на овој начин, преку обезбедена епидемиолошка контрола, преку строги протоколи за новата нормалност и преку обезбедена заштита на јавното здравје, ќе може да зборуваме и сите вообичаени активности, како што се закажаните избори. На македонската демократија и на македонскиот развој им требаат стабилни институции и колку што е можно поскоро враќање на нормалниот колосек на функционирањето на државата.
На македонските граѓани им треба функционално Собрание.
Датумот на изборите е детерминиран со Уредбата со законска сила, која има важење до завршувањето на вонредната состојба. Во оној момент кога ќе заврши вонредната состојба за 22 дена треба да се одржат избори во Република Северна Македонија. Тоа е фактичка состојба.
Затоа треба да се реализираат изборите во првиот можен рок. Мораме да бидеме принципиелни, а изборите да бидат во оној момент кога ќе има најмногу створени услови.
Една од одговорностите на оваа Влада е да направи сѐ, колку што е можно побргу, да им ја обезбедиме новата нормалност на граѓаните. Сите што се спротивставуваат на новата нормалност придонесуваат земјата да ни остане во здравствено-економска криза, а тоа не е одговорно однесување.
На крајот сакам да им се заблагодарам на членовите на Комисијата за заразни болести за посветеноста и за одличните препораки кои без во основата на нашите одлуки. Се заблагодарувам и на лекарите и сите здравствени работници, како и на сите на првата линија како што се полицијата, армијата и медиумите, за нивниот придонес во оваа наша заедничка борба против коронавирусот.