Република Северна Македонија не може да си дозволи да одржи избори без присуство на набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР, изјави претседателот на Алијансата за Албаците, Зијадин Села, по лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски. Лидерите на политичките партии и претседателот опширно дискутирале за ситуација со Ковид-19 и заедно се договориле датумот на изборите да го одредат со консензус.
„Државата ќе се обрати до оваа меѓународна институција за да ја види нивната подготвеност и времето кога тие може да ја пратат нивната набљудувачка мисија. Истовремено потребни се советувања со Државната изборна комисија во врска со изборите. Во почеток на идната недела се договоривме да имаме нов состанок кај претседателот со цел да се договориме за финалниот датум за изборите заедно и со консезус“, изјави Села и додаде:
„Верувам дека секој политички актер треба да има предвид дека на избори треба да се оди кога опасноста од вирусот е сведена на минимум. Според податоци и анализи од некои експерти, тоа е период кога температурите се високи. Но, за оваа треба да се изјасни и Комисијата за заразни болести“.
Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, вели дека најбитно е здравјето на граѓаните и дека изборите треба да се одржат кога ќе има најдобри услови, со цел што помалку граѓани да бидат изложени на опасност.